Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски денеска истакна дека нема потреба од паника и вознемиреност, откако завчера беше соопштено дека граѓанин на Велес е заразен со делта сојот на Ковид-19.
Тој објасни дека пациентот е во добра здравствена состојба и дека по враќањето од Англија не бил во контакт со други лица освен со својата сопруга, која засега не покажувала никакви симптоми на вирусот.
-Во болницата е хоспитализиран во карантин, во посебно одделение за да нема контакт со другите пациенти и е во добра здравствена состојба, информира Коцевски.
Тој им порача на граѓаните да не заборават и понатаму да ги почитуваат препораките од Комисијата за заштита од заразни болести и ги повика сите кои досега не се вакцинирале, да се вакцинираат во пунктот во Велес.
– Од денеска тоа можат да го направат без да се пријавуваат на сајтот vakcinacija.mk, туку директно со одење во пунктот.
Инаку, во пунктот моментално на располагање е вакцината „Синовак“ за прва доза и „Фајзер“ за втора доза.
-Единствен начин да не ни се случи пак голем бран наесен e што поголем број од нас да се вакцинираат. Вакцината не значи дека ако дојдеме во контакт со заразен нема да се заразиме, туку дека последиците ќе бидат минимални и да ги избегнеме најтешките последици по нашиот живот, порача Коцевски.
Во пунктот за масовна вакцинација во Велес досега се аплицирани вкупно 13.319 вакцини од кои 8.983 граѓани примиле прва доза, а со втора доза се вакцинирале 4.336 граѓани на Велес и околните општини.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Немаат симптоми: Две лица од Тетово од исто семејство заразени со делта сојот
МИА/Фото: Општина Велес