еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО

„Македонија и Македонците – вечна инспирација“ сеќавање на професор д-р Александар Стојчев еден од основачите на македонската воена историографија

Под мотото „Македонија и Македонците – вечна инспирација“ се одржа литературно читање во спомен на професор д-р Александар Стојчев (1975-2021), еден од ретките специјалисти за воена историја на Македонија и македонскиот народ.

Преку својата плодна научна кариера Стојчев даде огромен придонес во расветлувањето на еден најтешките периоди во историјата на македонскиот народ, Балканските војни (1913-1914) и територијалната поделба.

Не помалку значаен е и придонесот кон проучувањето на Првата светска војна (1914-1918). Стојчев е особено значаен за македонската историска наука и за историографијата и поради обработката и проучувањето на извори за овој временски период кои се и за прв пат научно објавени, како резултат на неговата истражувачка работа.

На литературното читање во спомен на делото на проф. д-р Стојчев, говореа, проф. д-р Тодор Чепреганов, проф д-р Виолета Ачковска, како и Бранислав Светозаревиќ и Мартин Треневски.

Тие уште еднаш го подвлекоа значењето на научната работа и трудовите што зад себе ги остави проф. д-р Стојчев, како и неговиот придонес во едукацијата на идните кадри во текот на неговата работа како универзитетски професор и афирмацијата на македонската историска наука.

Тие особено ја потенцираа неговата улога и значењето во проучувањето на воената историја како посебна област во македонската историографија, која за прв пат се издвои токму преку работата на проф. д-р Стојчев и неговиот татко проф. д-р Ванче Стојчев.

Професор д-р Александар Стојчев е роден на 5 април 1975 во Белград, република Србија.

Во 2001 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, насока историја.

Во 2006 година го одбрани магистерскиот труд „Дојранските позиции на Македонскиот фронт 1915-1918“.

Во 2009 година докторира на Институтот за национална историја со научниот труд „Македонскиот фронт 1915-1918“.

Во 2009 е избран за доцент по предметот воена историја на воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.

Од 2013 година тој е вонреден професор на Институтот за национална историја при УКИМ, а ја изведуваше наставата по предметите Балканските војни и Првата светска војна на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Од 2010 до 2021 година е раководител на Службата за воена историја – Воен музеј во Министерството за одбрана.

Автор е на повеќе научни дела и монографии „Дојран – воени операции 1915-1918“, „ Македонија и Македонците во Првата Светска војна“, „Македонците во документите на ЦИА“ во два тома.

Заедно со проф. д-р Ванче Стојчев, коавтор е на научните трудови „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913“ и „Воена историја на Македонија“, а автор е и на бројни други научни дела.

Покрај тоа, проф. д-р Стојчев се занимаваше и со музејска дејност во чии рамки ја организираше изложбата „Македонско – американските односи низ историјата“ во 2016 година и изложбата „Македонија и македонците во Првата светска војна“ која се одржа во Воениот музеј на Австрија во Виена во 2017 година. Почина на 18 април 2021 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денарот го слави 30. роденден: Кој му го даде името?

Редакција

Зошто се празнува 23 Октомври

Редакција

Зошто ги славиме Кирил и Методиј

Редакција