Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова денеска беше на аудиенција кај новиот папа, поглаварот на Римокатоличката црква, Лав XIV во Апостолската палата во Ватикан.




Како што информираа од нејзиниот Кабинет, таа му го честитала изборот за понтиф на Католичката црква, и нагласила дека „во ова време на голема неизвесност и поларизација во светот, се неопходни неговите охрабрувачки зборови за траен мир, како и неговите заложби за градење мостови на дијалог, разбирање и заемно почитување меѓу луѓето и народите„.
Таа ја изразила македонската подготвеност за јакнење и продлабочување на пријателството и соработката со Ватикан и посочила дека редовното чествување на светите браќа Кирил и Методиј, претставува симбол на духовната и културната поврзаност со Светиот Престол.
Претседателката констатирала дека двете држави имаат и нераскинливи историски врски преку цивилизацискиот завет на светицата и скопјанка, Мајка Тереза.
Навраќајќи се на историската посета на папата Франциск на државава, претседателката истакнала дека со должна посветеност сé уште се негува неговото духовно и дипломатско наследство, бидејќи таа беше израз на блискост, почитување на различностите и охрабрување на дијалогот меѓу културите и религиите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Што му подари Сиљановска Давкова на папата Лав XIV
Фото: Кабинет на претседателката