Нема притвор за лицето кое помогнало да се сокрие ранецот со пиштолот со кој биле убиени Вања и Панче: Детали од Обвинителство

Основното јавно обвинителство Скопје итно постапи за проверка на наводите изнесени од обвинет во текот на вчерашното рочиште од судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, информираа од таму.

„По наредба на јавен обвинител едно лице е лишено од слобода и против него е поведена истрага за – Помагање на сторител по извршено кривично дело согласно член 365 став 3 од Кривичниот законик.

Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени.

Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија,“ велат од таму.

Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се  јавува кај службено лице во судот.

“Истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза и во рамките на која Јавното обвинителство го поткрепи обвинението со огромен број вербални и материјални докази за сторените дела“, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Уапсено лицето вработено во Народна банка, за кое Манев сведочеше дека го зел ранецот во кој бил пиштолот со кој се убиени Вања и Панче

Манев го откри идентитетот на лицето кое добило задача од Палевски да го земе ранецот каде бил пиштолот, користен за убиствата на Вања и Панче

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести