(Фото) Вратен сјајот на Музејот на вода, во Заливот на коските кај Градиште

По седум години запуштеност, саниран е Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште. За оваа цел потрошени се 15 милиони денари од буџетот на Завод и Музеј Охрид.

„Презедовме доста чекори за реставрација на самата инсталација, на изложбениот простор во музејот, санитарните јазли, за системот за наводнување. Седум години не беше ништо вложувано и изминатава година доста интензивно се спроведоа активности“, изјави директорот на Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека комплетно е санирана платформата и крововите на колибите, терасата пред музејската зграда е уредена и повторно во функција, започната е постапката за поставување на нов систем за наводнување, обновен е ентериерот на музејот, набавена е нова опрема за пријатен престој на посетителите.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека оваа населба заедно со придружната инфраструктура навистина претставува еден значаен објект за Охрид и за туристите коишто го посетуваат Охрид.

„Со консолидирање на состојбата во земјата, очекувам инвестициите во културата да бидат уште поголеми и не случајно секторот туризам го додадовме до Министерството на култура и тоа стана Министерство за култура и туризам, бидејќи според спроведените истражувања најголемиот дел од посетителите, односно туристите коишто ја посетуваат Македонија како туристичка дестинација токму тоа е и причината зошто ја посетуваат односно богатото културно наследство,“ изјави Мицкоски.

Повикувајќи се на бројките од Државниот завод за статистика, тој информираше дека во мај оваа година споредено со месец мај минатата година има повеќе од 22% туристи и повеќе од 15% ноќевања.

„Ако се гледа периодот од јануари до мај, првите 5 месеци од годината, имаме за 16 % повеќе туристи и отприлика за 12 % повеќе остварени ноќевања. Тоа преставува добар мотив за сите нас да продолжиме во таа насока,“ додаде Мицкоски.

Фото/Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести