НЛБ Банка: По пристапувањето во СЕПА, достапни, разумни и одржливи меѓународни трансакции

Откако во мај годинава, НЛБ Банка официјално ја достави апликацијата до Европскиот платен совет за членство во СЕПА (SEPA – Single Euro Payments Area), со што стана и првата банка во земјава која го започна овој значаен процес, интензивно течат подготовките за техничка интеграција со системот, информираат од таму.

„На 6 октомври, НЛБ Банка ќе им овозможи на своите клиенти да вршат и примаат плаќања во евра во над 40 земји-членки на СЕПА, со истата леснотија и ефикасност како и домашните трансфери“, велат од Банката.

Истовремено, НЛБ Банка е и првата банка на пазарот која, согласно препораките на Народната банка, го менува тарифникот на меѓународни плаќања преку СЕПА, со посебен фокус на електронските плаќања, а со цел да се стимулира дигиталната трансформација. Од НЛБ информираат дека целокупната структура на новите провизии за СЕПА плаќања претставува повеќекратно намалување на досегашните провизии за плаќања и приливи во евра, со што Банката прави значаен чекор кон овозможување на достапни, разумни и одржливи меѓународни трансакции за граѓаните и компаниите.

Поконкретно, за кредитни трансфери преку дигиталните канали за физички лица, НЛБ Банка ќе понуди цени почнувајќи од едно евро за најниските рангови, односно 5 евра за најголемиот број на кредитни трансфери, додека за приливите продолжува со цена од 0,16 евра за најниските рангови и 3 евра за најголемиот број на приливни транасакции. Истовремено за компаниите, Банката ќе понуди до седум пати намалени просечни тарифни провизии за плаќањата во СЕПА.

Примателите на странски плати и пензии во НЛБ Банка продолжуваат да ги реализираат приливите по овие основи без провизија. Повластените провизии за плаќањата на физичките лица и компаниите помеѓу банките во рамки на НЛБ Групацијата остануваат непроменети.

„Ценовното стимулирање на електронските плаќања наспроти плаќањата на шалтер е во насока на заложбите на Банката за промовирање на користење на безбедни дигитални услуги, како и стратегијата на Банката на среден рок да овозможи, максимален број на своите производи и услуги да биде на располагање преку дигиталните канали“, појаснуваат од НЛБ Банка.

СЕПА е иницијатива на Европската Унија што ги поедноставува плаќањата во евра, овозможувајќи им на поединците, бизнисите и владите поедноставно управување со платежните услуги преку побрзи, поефикасни, потранспарентни и побезбедни плаќања во евра, кон и од земјите членки на СЕПА. Стандардизираните процеси и информативните формати на СЕПА обезбедуваат јасност и предвидливост во платните операции, побрзи трансакции (плаќањата во евра се обработуваат истиот или најдоцна следниот работен ден низ земјите на СЕПА), подобрени деловни можности и низа други придобивки за граѓаните и компаниите.

За потсетување, патот кон СЕПА за нашата земја го отвори Народната банка со воспоставувањето на целосно нова правна рамка во доменот на плаќањата, усогласена со регулаторните барања на СЕПА и формалното поднесување на апликацијата за членство, за што Европскиот совет за плаќања на 6. март 2025 година донесе позитивна одлука. Со прифаќањето на Македонија во географската зона на СЕПА на македонските даватели на платежни услуги – банките им се овозможи да аплицираат за учество во СЕПА платежните шеми и оперативно вклучување за извршување на плаќањата во евра со сите земји членки почнувајќи од 6. октомври 2025 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести