Родителите на тапанарот Џоко Ѓоргиев кој загина во пожарот во Кочани за еМагазин: Нема цена за нашето дете, сакаме правда

Уште на само една година и два месеци, младиот музичар кој го изгуби животот во т.н. дискотека во Кочани, Џоко Ѓоргиев (24), покажал колку ја сака музиката и што ќе биде кога ќе порасне.

-Наместо со играчки, чукаше по различни тенџериња, тави…, а што е најинтересно сфаќаше дека чукањето на различни предмети создава различен звук. Мислевме дека му е некоја фаза, дека подоцна ќе го интерсира нешто друго, но тоа продолжи и во следниот месеци и следниот…, раскажува за еМагазин, неговата мајка Зорица Ѓоргиева во нивниот дом во Струмица, кој го посетивме изминатиов викенд, на пет месеци по трагедијата во кој животот го загубија 62, а беа повредени 203 лица.

Многу брзо фамилијата на Ѓоргиев ќе сфати дека тој едноставно има вроден талент за музика. Од тенџериња ќе продолжи да чука на се што ќе му дојде при рака и со импровизации за создавање различни звуци ќе си прави свои “тапани“.

Неколку години подоцна ќе го запишат во музичкото училиште “Боро Џони“.

-„Мамо не сакам да одам во училиштето, не сакам да свирам на труба, сакам на тапани. За тапани нема ноти„. Имаше само пет години кога ми го кажа ова, се присетува со солзи во очите неговата мајка.

„Кое е тоа бело дете што толку убаво чука“

Веќе на девет години на концерт за Тримери во Струмица, неговиот голем талент ќе биде приметен од Стојчо Гогов од групата „Модус“.

„Кое е тоа бело дете што толку убаво чука“ по некоја случајност ќе го праша токму неговиот татко Драги Ѓоргиев, па за брзо време талентот на малиот Џоко ќе можат да го чујат многу луѓе. Ќе ги придружува „Модус“ на многу прослави и свечености.

Подоцна ќе стане дел и од оркестарот на струмичката гимназија „Јане Сандански“, каде учи средно училиште, па неговиот талент ќе биде приметен и надвор од Македонија.

Како што расте неговите родители ќе приметат дека тој е сестрана личност. Не го интересира само чукање на тапани, ќе биде и актер во струмичкиот театар „Антон Панов“, две години ќе игра професионално ракомет, ќе работи и на осветлување на фестивали, ивенти…

“Беше турбо, како да знаел дека животот ќе му биде краток“

-Беше турбо. Како да знаел дека животот ќе му биде краток, вели мајка му.

На покана од Иван Кукич ќе стане дел од „Yu for you” и ќе настапува низ целата земја, а ќе соработува и со Александра Јанева, Јовче Пандев, Ивана Василева…, а во музичкото училиште „Боро Џони“ ќе стане омилениот вработен.

-Многу сакаше да работи со деца, а и тие го сакаа него. Беше толку харизматичен, раскажува мајка му.

Професионално бил вклучен и во Летната школа за гитара, која сега го носи неговото име.

-Не беше тип на музичар кој сакаше да свири по свадби. Сакаше на сцена. Роден беше за на сцена, вели Ѓоргиева. Така и ќе стигне да настапува со групата ДНК, која таа кобна ноќ имаше концерт во Кочани.

По препорака на штипскиот музичар Филип Стевановски ќе го презентира својот талент пред групата, која останала без тапанар, а одлуката да свири со нив ќе падне по брза постапка, откако членовите ќе бидат импресионирани.

Со нив во Македонија и надвор од неа ќе настапува една година.

Се мислам дека ќе се врати од настап“

-Тато, јас ќе одам да свирам со ДНК. Што да му кажам, кога настап на сцена му беше најголемата желба? Знаев дека поретко ќе го гледаме дома, ама беше толку среќен.

Се уште си мислам дека ќе се врати од некој настап и дека тоа што се случи не е вистина, раскажува неговиот татко, кој секој ден и од сабајле и навечер е на неговото вечно почивалиште.

-Незнам што да правам со себе кога имам слободно време и не сум на работа. Се трудам постојано да бидам да преокупиран со нешто, за да не мислам, ама ништо не ми помага. Па си одам на гробот. Таму сум посмирен, вели тој.

Не му е скршена душата само. Шокот и стресот ќе придонесат да ослаби 30 килограми, ќе се јават сериозни проблеми со шеќерот, тироидната жлезда…

-На терапија сум со неколку апчиња. На моменти се чуствувам посмиерно, но неможам да плачам. Сите ми викаат имаш уште едно дете. Знам. Свесен сум. Ама…, раскажува тој.

-Се трудиме околу неговиот помал брат, со кој беа многу поврзани. И тој е скршен. Јас сум сум со половина срце. Болката ќе ја носам до крај. Господ ме држи, вели мајка му.

-Џоко не направи горди. Нема погорди родители од нас. Никогаш не тргна по лош пат, подвлекуваат неговите родители.

-Од мал си го израснав. Јас секогаш велам, јас нема две, имам четири деца. Горда ќе бидам додека сум жива. Како втора мајка му бев, раскажува сестрата на неговата мајка, Катерина Николoва, која ни се придружи во разговорот.

-Морам да ја спомнам и Цветанка, неговата девојка. Заедно беа три години. Му беше голема подршка, вели неговата мајка.

„Сега требаше да биде во САД, да се запознае со неговиот идол“

Голема желба му била да се запознае со тапанарот Ерик Мур од САД, кој му бил идол. Стапиле во контакт и договарале да отиде во САД за да се запознаат.

-Сега таму требаше да биде. Беше толку возбуден и среќен што доби покана од неговиот идол. Допрва ќе станеше уште поголем музичар…, раскажува татко му.

-И тој ни изрази сочуство, потенцира тој.

Три дена пред трагедијата бил на исповед

Како и неговите родители и Џоко силно верувал во Господ. По неговата смрт ќе дознаат дека три дена пред да се случи трагедија бил на исповед.

-Ангел на земјата, ангел на небото. Чист. Скромен. Добар. Така си отиде горе, вели мајка му, која потенцира дека на секој можен начин неговото семејство ќе продолжи да го држи сеќавањето на него со добри и хумани дела.

-Многу сакаше и дронови. Сакаше и да лета авион и хеликоптер. Сега лета горе со ангелите, вели таа.

За да остане живо делото на Џоко ќе се потруди и младиот Бојан Трајков, син на другар на таткото на Џоко, кој го доби неговиот тапан.

“Сакаме правда, нема цена за нашето дете„

Основното јавно обвинителство обвинението за трагедијата го поднесе на 13. јуни, но истото се уште не е одобрено од страна на Основниот кривичен суд Скопје.

Предметот е обемен, обвинети се дури 34 лица и три фирми, а прогнозите за епилогот од судскиот процес, кој се претпоставува дека поради овие причини ќе трае долго, се поделени.

-Оставам на судијата, на обвинителите кои го водат предметот. Тоа е нивна работа, за тоа ги плаќаме. Политичарите да не остават нас родителите на мира. Тие се небитни. Нека се тргнат. Се знае чива работа е ова.

Нема цена за нашето дете, за нашите ангели. Сакаме правда, вели таткото.

Фото: Приватна архива

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести