Ќе се гони за тероризам: Детали од Обвинителство за лицето кое дојавило дека има бомба во авионот за летот Скопје – Анталија

Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи (МВР), предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело Тероризам, информираа од Обвинителството.

-Осомничениот на 16 овој месец во раните утрински часови преку телефонската линија за итни случаи 192 со умисла упатил сериозна закана за подметната бомба во воздухоплов на Меѓународен аеродром Скопје, на летот Скопје – Анталија.

Веднаш по приемот на заканата од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам биле активирани протоколите за антитерористичка проверка и по неколкучасовна проверка е утврдено дека станува збор за лажна пријава.

Осомничениот со својата постапка создал чувство на страв и несигурност кај патниците и другите присутни на аеродромот, а воедно со активирање на протоколите за антитерористичка проверка го пореметил и севкупниот воздушен сообраќај.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот образложувајќи ги околностите што го оправдуваат предлогот и упатуваат на тоа дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство на осомничениот, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поради лажна дојава за бомба на скопскиот аеродром, авио-сообраќајот времено беше запрен

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести