Системот не ги штити доволно жените – жртви на насилство, утврди ДЗР

Државниот завод за ревизија (ДЗР) спроведе ревизија на успешност на тема „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција) со посебен осврт на преземените мерки и активности од надлежните институции за обезбедување на ефективни специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство“.

„Истанбулската конвенција е потпишана во 2011 година, а ратификувана во 2017 година, по што е донесен Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство за периодот 2018 – 2023 година со кои се предвидени 52 активности.

Утврдивме дека предвидените активности не се реализирани во целост, односно реализирани се 22 активности, 20 не се реализирани, додека 10 се делумно реализирани.

Утврдивме дека за периодот по 2023 година не е донесена Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

Програмата за реинтеграција на жртвите донесена од министерот за социјална политика, демографија и млади е општа, нема утврдено период за кој се однесува ниту има утврдени јасни цели со мерливи индикатори кои треба да се остварат, што создава ризик за евалуација на нејзината имплементација и постигнување резултати,“ се вели во извештајот.

Во февруари 2023 година, Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција, со што се криминализира родово базираното и семејното насилство, се зголемија казните за сексуално насилство, се прошири дефиницијата за семејно насилство, а фемицидот се третира како квалификуван облик на убиство, се посочува во извештајот.

„Иако ова претставува значаен напредок, остануваат предизвици, како: — недоволно вклучување на граѓанскиот сектор, недоволна криминализација на психичкото насилство и фактот што гонењето за телесна повреда сè уште се врши по предлог на жртвата, што ја нарушува ефикасноста на заштитата и го намалува објективното гонење на сторителите поради влијанието и притисокот врз жртвите.

Во Центрите за социјална работа не е направена планираната реорганизација поради отсуство на функционална анализа и стандардизирани процедури, а истите се соочуваат со недостиг на кадар. Дополнително, дел од здруженијата кои даваат специјализирани услуги не се лиценцирани, а не постои уреден систем за лиценцирање на СОС линиите,“ стои во извештајот.

Ревизијата констатирала дека засолништата и советувалиштата не се рамномерно распределени низ целата држава и од предвидените 184 легла во засолништа, воспоставени се само 67 (37%), од кои 48 се од Центрите за социјални работи (ЦСР), а 19 од невладиниот сектор (НВО).

„Со увид во дел од воспоставените засолништа и советувалишта, утврдено е дека голем дел од нив во претходниот период се користеле, но сега не се во функција. Не е спроведена анализа на трошоците за специјализираните сервиси, што онемозможува реално планирање на потребните средства за квалитетна поддршка по корисник,“ оценува Ревизија.

Во периодот 2020–2023 година се евидентирани вкупно 6.282 нови жртви на семејно насилство, со благ пораст низ годините. Според податоците на МВР, во периодот 2018–2023 година се извршени 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство , од кои 61% се за телесна повреда, а 35% за загрозување на сигурноста, се посочува во извештајот.

„Регистрирани се 6.423 сторители, од кои 91% се мажи, и 6.663 жртви, од кои 79% се жени. Во истиот период се евидентирани и 2.347 прекршоци, со речиси еднаков број на жени и мажи жртви. Податоците покажуваат континуиран и непроменет сооднос во кој мажите се доминантни извршители на насилство, а жените се значително почесто жртви , што упатува на недоволна ефективност на досегашните мерки за превенција и заштита.

Бројот на мажи сторители на кривични дела е 9 до 11 пати повисок од бројот на жени; Бројот на мажи сторители на прекршочни дела е 3 до 6 пати повисок; Бројот на жени жртви на кривични дела е 4 пати повисок од бројот на жртви мажи; Кај прекршочните дела, соодносот жени-мажи жртви е речиси изедначен,“ се додава во извештајот.

Со Одлука на Владата, во 2021 година формирано е Национално координативно тело чија задача е да го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција и националните политики за борба против насилство врз жените и семејно насилство и треба да промовира меѓу институционална соработка, се посочува во извештајот.

“Утврдивме дека истото не ги врши во целост своите надлежности и отсуствува интегриран систем на евиденција на жртвите, поради што не е можно да се обезбедат точни, навремени и унифицирани податоци од страна на сите надлежни институции вклучени во процесот на превенција и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и други информации релевантни за следење на состојбата за насилство врз жените.

Ова оневозможува ефикасно следење на состојбата и креирање на соодветни и навремени политики и мерки за заштита и поддршка на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.

За надминување на утврдените состојби дадовме препораки за преземања на активности од страна на Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и Центрите за социјални работи, како би се создале услови за подобрување на целокупната состојба поврзана со превенција и заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство,“ заклучува Ревизија.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести