Компанијата дм дрогерие маркт денес на прес-конференција одржана во скопското кафуле „Leaf“ го најави отворањето на конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ за пријавување на сите државни и општински градинки, основни и средни училишта за хортикултурно уредување и раззеленување на нивните дворови. Конкурсот е поддржан од Министерството за образование и наука, а партнер за неговото спроведување е Македонското еколошко друштво (МЕД).
На прес-конференцијата присуствуваа претставници од Македонското еколошко друштво (МЕД), ЈП Национални шуми, еколошки здруженија, инфлуенсери и повеќе медиуми.

„Сите сме дел од ова општество, и како дел од него имаме моќ, но и одговорност да помогнеме, бидејќи животната средина е неповратен ресурс и треба да се грижиме за неа. Одржливоста и грижата за животната средина е стратешка определба во работењето на dm години наназад. Особено сме среќни што оваа година повеќе ќе се фокусираме на градинките и училиштата – во нивно раззеленување и збогатување на знаењата на учениците и децата. Со ова, сакаме да поттикнеме љубов, одговорност и зелени навики, бидејќи овие нешта најубаво се учат од најрана возраст,“ изјави Сандра Атанацковиќ Ѓурѓев, дел од маркетинг тимот на dm.
Конкурсот е достапен на платформата dm-zaedno.mk и ќе биде постојано отворен за праќање пријави. Повеќе информации за правилата и условите за конкурсот може да прочитате тука.
Садењето во градинките и училиштата ќе се одвива во етапи, во месеците што се предвидени за садење: септември, октомври, ноември, март, април и мај. Со оваа иницијатива, дм сака оваа година да инвестира речиси 1,5 милион денари за садење дрвја во дворовите на градинките и училиштата низ целата земја.
Оваа иницијатива ќе има и повисока цел – благодарение на експертизата на Македонското еколошко друштво, проектот ќе биде збогатен и со едукативни и интерактивни работилници преку кои децата и учениците во градинките и училиштата во кои ќе се садат дрвја ќе научат повеќе за важноста на пошумувањето и грижата за животната средина.

Во истиот амбиент беше најавено и следното масовно пошумување што дм традиционално ќе го организира и оваа година, во ноември. Преку проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“, изминатите 3 години беа насадени повеќе од 100.000 садници на територијата на целата земја. Оваа година од компанијата најавија дека е планирана најмасовната акција досега за засадување 50.000 садници во околината на Штип, со поддршка на ЈП Национални шуми, вработени во дм и волонтери.
Не смееме да го игнорираме фактот дека природата може без нас, но ние не можеме без природата и нејзините ресурси. Токму затоа ги повикуваме сите државни и општински градинки и училишта да се пријават на конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ и да се приклучат во раззеленување на нашата животна средина!