После речиси две години интензивна институционална битка на „Солуција“ преку Граѓанската сила „Замисли“, а заедно со Македонското здружение на млади правници и двете еснафски организации – Клубот на млади лекари, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари и Асоцијацијата на млади лекари – се гледа крајот – министерот за здравство Азир Алиу јавно се обврза дека главното барање за укинување на дискреционото право на директорите ќе биде исполнето, информираат од „Солуција“.
Ова право директорите, кои се партиски поставени, редовно го злоупотребуваат кога има конкурси за вработување на нови лекари, па иако има процедура и рангирање, тие на крајот си вработуваат кандидати од партиските списоци. Алиу во интервју за Агенда 35 на МРТВ кажа дека самиот е против оваа практика и дека тој лично инсистира нејзиното укинување да биде вметнато во новите законски измени:
„Јавно информирам дека и за мене тој дел со дискреционото право е нелогичен. Кога се работи за доктор или за медицинска сестра не може директорот да одбере кој од нив е најдобар, ако има јасно рангирање на сите профили кои треба да се вработат. Јавно кажувам дека и јас сум против ова, што уште е и законско решение.
Сега менуваме 12 закони, процедурата е во тек и јас ќе работам да се дефинира процесот, да биде транспарентен и меритократски и да биде вработен тој кој заслужува. На крајот на денот, тој доктор ќе опслужува граѓани, ние сме сите потенцијални пациенти и ќе се борам за процесот да мора да заврши до крај, а не меритократијата да се множи со нула“, рече тој.
На прашањето дали очекува политички притисок, оти токму преку ова дискреционо право, партиите си го одржуваат клиентелизмот во здравството, Алиу одговари:
„Ќе одам и чекор понатаму. Во здравството и во образованието ние си правиме контра услуга ако се политизираат тие процеси. Еве во образование, сите сме ние родители, утре на моето дете наставник ќе биде партиска личност, непрофесионализирана како што треба. Во здравството е уште пострашно. Уште еднаш напоменувам – секој од нас е потенцијален пациент во секој момент и вие не знаете кога ќе ви треба кој ќе биде од другата страна што ќе ви даде услуга. Јас сум сигурен, оти ова е разговарано и на ниво на Влада. Оваа Влада има јасни цели дека здравството мора да биде на здрави нозе“.
„Укинувањето на дискреционото право на директорите во процесот на вработување на лекари е едно од клучните барања, што ги изготвивме за конечно да се смени Законот кој остава широко отворени раце за партиски злоупотреби.
Иако и претходниот министер Арбен Таравари даде поддршка на иницијативата, Алиу е првиот кој конкретно се насочува кон укинување на самото дискреционо право, за кое забелешки немаат само докторите туку и целата експертска јавност.
„Замисли“ организираше серија дебати низ различни македонски градови, каде беше претставена оваа битка и заедничка акција за департизација на здравствениот систем, а објавивме и десетина интервјуа – сведоштва на млади лекари кои се соочиле со партиски притисоци во процесот на вработување. Дел од тие лекари, за жал, тие сведоштва ни ги дадоа веќе вработени во некоја од болниците во земјите од западна Европа“, велат од „Солуција“.