Грчкиот премиер Мицотакис поседува 26 недвижнини на Крит, Кикладите и во Јанина: Каков имот поседуваат грчките политичари

Топ тема во соседна Грција е имотната состојба на политичарите откако на официјалниот сајт на грчкиот Парламент беа објавени податоци за тоа што поседувале во 2022 и 2023 година.

Еден од најбогатите грчки политичари како што е познато и од порано е актуелниот премиер Киријакос Мицотакис.

Тој во 2023 година пријавил 26 недвижнини на Крит, Кикладските острови и во Јанина. Има и две возила, а таа година имал годишен приход од 70.456 евра акции, обврзници од 508.859 евра и 20.479 долари, како и депозити од 110.668 евра и 445 долари.

Има и удел во една компанија, како и кредит од 160.560 евра.

Меѓу најбогатите е и лидерот на новата партија – Движење на демократија, кој не е во Парламентот, Стефанос Каселакис, кој е поранешен лидер на СИРИЗА. Тој е сопственик на три недвижнини – на островот Спецес, во Атина и САД.

Пријавил приходи од 1,75 милиони долари, акции во вредност од 3,77 милиони долари и депозити во вредност од 32.287 (долари и евра). Поседува едно возило.

Има учество во две компании, како и кредити кон четири странски компании од 1,65 милиони долари.

Никос Андроулакис, лидерот на главната опозициска партија – ПАСОК, пак пријавил 16 недвижнини. Има едно возило и учество во две компании.

Неговите приходи за тој период изнесувале 128.610 евра, а има и депозити од 1.076.358 евра.

„Најсиромашен“ е лидерот на партијата Победа, Димитрис Нациос. Тој има пет недвижнини во Пиериа и Килкис. Поседува едно возило, има кредити од 107.841 евра, а пријавил годишни приходи од 22.632 евра, како и депозит од 1.978 евра.

Фото: Мицотакис/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести