За реализација на планираните активности, јавниот сервис Македонската радио-телевизија (МРТ) лани потрошил вкупно 1.266,52 милиони денари, што е за 12 % повеќе отколку во претходната година, покажува Анализата на пазарот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
-Зголемувањето најмногу се должи на повисоките трошоци за вработените (за 65,30 милиони денари) и поголемиот износ на средства што биле потрошени за програмски права (за 49,72 милиони денари).
Во последните шест години, повеќе отколку во 2024 година јавниот сервис потрошил само во 2019 година. Најголем дел од трошоците биле за вработените, односно за бруто-платите, трошоците за отпремнина на вработените кои оствариле право на пензија, за регрес на годишен одмор, за јубилејни награди и сл.
Од вкупно 589,57 милиони денари трошоци за вработените, 96 % (или во апсолутен износ 564,88 милиони денари) биле за бруто-плати.
Позначаен износ на средства бил потрошен и за програмски права – 445,17 милиони денари. Од овие, 86,97 милиони денари биле наменети за откуп на права за позначајни спортски настани (Светски куп во биатлон, ЛОИ 2024 година, УЕФА Европско првенство во фудбал, македонски фудбал и квалификации за Европско првенство, ЕХФ Европско првенство во ракомет – мажи, УЕФА Лига на шампиони, УЕФА Супер куп 2024 и сл.), стои во анализата.
За реализација на копродукциски проекти биле потрошени 214,56 милиони денари (овие трошоци опфаќаат договори за соработка за снимање и емитување различни видови емисии), за откуп на лиценцни права за емитување филмови, серии, детски анимирани серии и документарни емисии биле потрошени 29,26 милиони денари, а 0,50 милиони денари биле потрошени за лиценца за учество на Јуниорскиот Евросонг.
-За други програмски права јавниот сервис потрошил 113,87 милиони денари (за пренос на Виенскиот концерт и Евросонг 2024, лиценцирани вести од интернет, откуп на права за емитување емисии за сите програмски сервиси).
Во 2024 година бројот на вработени во јавниот радиодифузен сервис се намалил за 31 лице. Само едно лице било нововработено во оваа година, и тоа на работно место стручен соработник, а престанал работниот однос на 32 лица (меѓу нив новинари, уредници, режисери, сниматели, продуценти, техничари и друго).
Во периодот од последните шест години вкупниот број вработени во МРТ се намалувал во континуитет. Во однос на 2019 година, бројот на вработени е помал за 143 лица, што укажува на тоа дека проблемот со кадровски недостиг на МРТВ сериозно се продлабочува.
За споредба, во 2024 година бројот на вработени во ХРТ изнесувал 2.700 лица, во РТС 2.382 лица, стои во анализата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Колкави приходи имале Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма лани
Како работеле телевизиите 24, Наша, Шења, ТВ 21 и Сонце лани