На неколку денови пред завршувањето на изборната кампања за првиот круг од локалните избори, која завршува утре, вчера на Фејсбук профилот на Ел Чека или Шеќерим Ахмеди, кој пред неколку години објавуваше „бомби“ за функционери на ДУИ, беа објавени нови.
Во описот за аудио снимките се тврди дека се слуша гласот на актуелниот градоначалник на Општина Кичево, Фатмир Дехари, од ДУИ, кој е и кандидат за нов мандат, и дека снимките содржат “експлицитни сексуални алузии и непристојни коментари“.
Во една од нив Дехари наводно повикува вработена во Општината да дојде до него, да му седне во скутот, а се слуша и нешто како бакнеж. Според описот на аудио снимката тоа наводно се случувало во општинската зграда, во канцеларијата на Дехари.
Во друга пак Дехари наводно навредувал жена од Зајас, која е адвокатка.
Со трета пак пак се сугерира дека градоначалникот на Кичево наводно е вклучен во корупција.
Дехари не реагираше за „бомбите“. Реагираа од неговата партија.
-Ова сценарио добро го познаваме: кога не можат да се соочат со идеи, кога немаат проект, измислуваат скандали, монтираат разговори, фабрикуваат ‘факти’ и ги шират со единствена цел – граѓанинот да ја изгуби довербата во политиката и да остане дома на денот на одлучувањето.
Кичево нема да падне во оваа замка. Да го сочуваме Кичево од валканоста на старата политика, велат од таму и подвлекуваат дека суштински е пред секоја јавна реакција или извлекување заклучоци внимателно да се провери автентичноста на аудио-материјалот.
-Само по јасна и веродостојна оценка од надлежните институции или експерти може одговорно да се зборува за неговата содржина. Секој коментар или дискусија без таква потврда би била шпекулативна и потенцијално штетна, како за засегнатите лица, така и за јавниот интерес, велат од ДУИ.
Ахмеди во јануари 2020 година беше осуден на условна казна од една година затвор за објавување на „бомби“ за ДУИ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Kривична за градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, го оштетил буџетот за околу 4 милиони денари
Фото: Дехари/Фејсбук