Италија отвори истрага: Италијанци, Германци, Французи, Англичани… убивале цивили во Сараево кога беше под опсада од задоволство?

Во Милано, Италија е отворена истрага која треба да покаже дали Италијанци, Германци, Французи, Англичани и лица од други западни земји доаѓале во Сараево, Босна и Херцеговина во 1990-тите на „снајперски туризам“, односно да убиваат цивили од задоволство додека градот беше под опсада, пренесуваат италијанските медиуми.

Тие наводно им плаќале на припадници на војската на босанските Срби за да можат со снајпер да убиваат цивили за време на четиригодишната опсада на градот.

За тоа плаќале големи суми на пари на српските војници за да бидат превезени до ридовите околу Сараево и да пукаат во цивилите.

Истрагата е отворена по тужба поднесена од писателот Ецио Гавацени, кој собрал докази за обвинувањата и од извештај испратен од поранешната градоначалничка на Сараево, Бењамина Кариќ.

Гавацени вели дека за “снајперски туристи“ првпат дознал од италијанскиот печат во 1990-тите, а почнал да истражува подлабоко откако го гледал „Сараево сафари“, документарец на словенечкиот режисер Миран Зупанич од 2022 година.

Во документарецот, меѓудругото поранешен српски војник тврди дека групи западњаци пукале врз цивилите од ридовите околу Сараево. Тоа беше негирано од српските воени ветерани.

Според него досега собраните докази покажуваат дека во „снајперскиот туризам“ биле вклучени „многу, многу, многу Италијанци“, без да даде конкретна бројка.

„Имало и Германци, Французи, Англичани, луѓе од сите западни земји, кои платиле големи суми пари за да бидат однесени таму и да пукаат во цивили. Немало политички или религиозни мотиви. Тие биле богати луѓе кои оделе таму за забава и лично задоволство. Зборуваме за луѓе кои сакаат оружје, а можеби одат и на сафари во Африка“, изјави Гавацени.

Тој вели дека идентификувал некои од италијанските граѓани за кои се тврди дека биле вмешани и очекува да бидат испрашани од обвинителите во наредните недели.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести