Нова кривична за Мерко, овојпат за уривањето на заштитената спомен-куќа на Владо Малески во Струга

Уште една кривична пријава заработи поранешниот градоначалник на Општина Струга, Рамиз Мерко, овојпат за уривањето на заштитената спомен-куќа на Владо Малески, авторот на македонската химна, во Струга.

Со кривичната на Министерството за внатрешни работи (МВР) се опфатени уште четири лица.

Првопријавен е Н. К. (53), инвеститор од струшко Велешта, а заработи кривична поради сомнение за оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.

Во кривичната се наведува дека тој како инвеститор, на 15. октомври годинава, спротивно на решението за издавање заштитно конзерваторски услови, со градежна механизација на катастарска парцела во Струга срушил стара струшка куќа, а при правење ископ ги поткопал темелите од јужниот ѕид на соседната спомен-куќа на Владо Малески, која од 2017 година е заштитена како значајно културно наследство.

Второпријавена е В. Н. (62) од Охрид во својство на архитект-конзерватор во националната установа ‘Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид’, која според МВР на основниот проект за семејна куќа втиснала службен печат и ставила потпис и одобрила мислење за усогласеност со идеен проект со што “свесно постапила спротивно на Законот за заштита на културното наследство, спротивно на планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и спротивно на решението за издавање на заштитно конзерваторски услови, издадено од Министерство за култура – Управата за заштита на културно наследство“.

Третопријавен е Мерко, кој според МВР во својство на прв човек на Струга, “ја искористил својата службена положба и пречекорувајќи ги овластувањата, спротивно на актите од Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и решението од Управата за културно наследство, потпишал одобрение за градење на семејната куќа од првопријавениот“.

„Четвртопријавениот Н.Н. (56), како раководител на Одделението за урбанизам во Општина Струга, со пречекорување на службената положба го изготвил одобрението за градење, а го одобрил петтопријавениот Ѓ.Д. (59) како помошник раководител на Сектор за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животна средина во Општина Струга“, велат од МВР.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Уште едно обвинение за Рамиз Мерко

Рамиз Мерко ослободен за набавката на луксузното „ауди“, немало докази

Условна казна за Мерко за незаконско поставување директори

Фото: Мерко/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести