Уставниот суд поведе постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, кој се однесува на линеарното зголемување на пензиите, со кое редовното месечно усогласување врз основа на порастот на платите и трошоците за живот се заменува со еднаква распределба на средствата за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата, стажот или уплатениот придонес, информираа од таму.
На вчерашната седница, на предлог на судијата-известител Добрила Кацарска, Судот, како што велат од таму, одлучил по сопствена иницијатива да поведе постапка за овој член зод Законот, објавен во Службен весник на 29.07.2025 година.
Во објаснувањето за постапката, од Уставен велат дека станува збор за одредба со која се зголемуваат пензиите, во јавноста познато како линеарно зголемување, односно со оспорениот член 2 правото на редовно месечно усогласување на пензиите, пресметките направени врз основа на порастот на плати и трошоци на живот се заменети со линеарна распределна на вкупниот износ на средства за сите пензионери подеднакво, без оглед на стекнатата и остварена висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес.
Судот, како што велат оттаму, го имал в предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална согурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните.
-Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека оспорениот член 2 се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните како и правната сигурност и легитимните очекувања како правни принципи. Се постави прашањето дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот на пензија и нееднаквост помеѓу примателите на пензии, односно оние пензионери кои имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица, добиваат помало зголемување на пензиите, наспроти пензионерите со пониските пензии“, велат од Судот.
Пензијата е стекнато имотно, индивидуално право и согласно член 30 од Уставот правото на сопственост е гарантирано и никому не може да му биде ограничено или одземено, посочуваат од таму.
Следствено на ова, пред Уставниот суд основано е поставено прашањето дали со оспорената одредба се ограничува правото на сопственост на пензионерите со повисоки пензии.
-Европскиот суд за човекови права во Стразбур низ своите пресуди наведува дека за целите на членот 14 (забрана од дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, разликата во третманот е дискриминирачка доколку „нема објективно и разумно оправдување”, односно ако не ја остварува „легитимната цел” или ако не постои „разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира”, објаснуваат од таму.
Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.
Фото: Уставен суд













