На министерското место во Министерството за здравство ќе остане Азир Алиу, кадар на владејачката коалиција Вреди, кажа премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Од Вреди најавуваа дека на оваа позиција ќе дојде Башким Бакиу, кој беше кандидат за градоначалник на Град Скопје на коалицијата на последните локални избори.
За Алиу, пак се најавуваше дека ќе биде нов директор на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Мицкоски исто така кажа дека засега нема да има промени кај министрите на ВМРО-ДПМНЕ и Знам.
Во македонското Собрание веќе се испратени предлозите на Владата, нов прв вицепремиер и министер за европски прашања да биде пратеникот и поранешен министер за здравство, Беким Сали, а нов министер за животна средина и просторно планирање да биде Мухамед Хоџа, кој е поранешен владин портпарол.
Прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање беше Изет Меџети, кој стана градоначалник на Општина Чаир, а актуелен министер за европски прашања е Орхан Муртезани, за кој имаше најави дека ќе стане амбасадор на Македонија во Брисел, Белгија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е Беким Сали, кој ќе биде прв вицепремиер
Кои ќе бидат новите министри од “Вреди“
Фото: МЗ














