На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, од одбраната на тројцата обвинети овласетени општински градежни инспектори во случајот, Огњен Ѓеорѓиев, Љупчо Стаменков и Љупчо Гоцев, посочија дека тие никогаш не добиле налог од Општина Кочани или пријава од друга институција за да извршат контгрола во т.н. дискотека „Пулс“.
Беше посочено и дека поради законски ограничувања тие имаат одредени овластувања.
Адвокатот на Ѓеорѓиев, Зоран Зафировски, меѓу друго посочи дека делото за кое се товари неговиот клиент – “тешки дела против општа сигурност“ е неосновано, дека истото е застарено, дека без налог од Општина Кочани, тој не можел да изврши вонреден надзор во објектот, а и дека обвинетиот не бил надлежен за областа на заштита и безбедност на објектот.
Ѓеорѓиев дополнително побара да му биде вратен мобилниот телефон од Основното јавно обвинителство, оти немал друг, посочувајќи дека во истиот немало никакви доказни материјали, бидејќи немал никакви контакти со обвинетите.
И бранителот на Стаменков, адвокатот Јован Танчев, посочи дека Општината Кочани никогаш не поднела пријава за „Пулс“, по која би постапувал неговиот клиент, а меѓу друго кажа и дека Стаменков последните години работел во Скопје и не знаел дека објектот станал дискотека/кабаре. Тој, според адвокатот не можел да утврдува намена на објект, оти тоа не било негова надлежност. Инспектор, споре него, можел да контролира само кога има пренамена од деловен во станбен простор и обратно, но не и од деловен во деловен.
Стаменков исто така ја покривал и Општина Виница, а во Кочани работел од лани. За тој период во Општината имало само двајца градежни инспектори, од кои едниот бил на боледување подолг период.
И одбраната на Гоцев, потенцираше дека никогаш немало пријава од Општина Кочани, полицијата или друга институција, за контрола во „Пулс“, па тој неможел да го направи тоа. Негов адвокат е исто така Зоран Зафировски.
Гоцев, кој посочи дека е онколошки пациент, во дополнение кажа дека по пожарот во „Пулс“ бил помеѓу првите лица кои помагале, дека цел ден останал со луѓето во болница, а потоа бил повикан и да вештачи.
Според Обвинението на Основното јавно обвинителство Георгиев, Коцев и Стаменков во периодот од 2005 до 2024 година не постапувале по службена должност, иако знаеле дека објектот на ул. „Крижевска“ бр. 2 бил пренаменет во кабаре без одобрение и спротивно на урбанистичкиот план.
Обвинителството тврди дека тие не провериле дали има одобрение за реконструкција, не утврдиле евентуални промени на конструкцијата и мерките за противпожарна заштита, ниту пак донеле решение за отстранување неправилности. Со тоа, според Обвинителството, овозможиле објектот да работи без основни безбедносни стандарди.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ратко Димитровски тврди дека тој бил единствениот што барал „Пулс“ да не добие лиценца за работа
Фото: Игор Бансколиев














