Ова за нас не е политика, туку борба за живот, порачаа родителите на загинатите во „Пулс“, на седницата на Анкетната комисија во Собранието

Родителите на загинатите во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани, вчера побараа правда и во македонското Собрание, во рамки на првата седница на постојната Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Тие меѓу друго порачаа дека барањето правда за нив не е политика, туку борба за живот, побараа одговорност за трагедијата и од актуелни функционери и случајот да се третира како сериозна повреда на човековите права, со акцент на правото на живот.

„Срам ми е што сум дел од оваа држава. Требаше да си ја послушам мојата ќерка и предвреме да се иселам од оваа држава. Велите дека барате системот да се смени и државата да застане позади нас. Државата сме ние обичните граѓани, а вие сте дел од државата која ја водите, и кои треба да го сменат тој систем, за да оди во добра насока.

Но, денеске гледам дека прво сакавте да манипулирате со нас родителите, тоа беше срамно од ваша страна и од државата. Девет месеци никој од вас не се појави во Кочани да подаде рака на нас, да ни изрази сочувство, само писменото обраќање. Кај некои отидовме и лично да се видиме, не ни оставија добар впечаток.

Бараме вистинска правда за нашите деца. И не само за нашите туку и за вашите што седите. Дали сте се запрашале некогаш дали треба да го смениме системот од корен, да требате. И ние како обични граѓани стоиме денес пред вас, не само како родители, туку и како граѓани на оваа држава, што 35 години наназад гледаме дека не функционира. Ако ние денес не го смениме системот нашите деца ќе се иселат, како и ние.

Дозволуваме секој ден да гледаме убиства, дозволуваме секој ден да гинат, да се иселуваат. Од што? Не е од нас, од вас е. Вие поради нас седите на тие столчиња. Кога ќе видиме дека немаме право на глас и секој не отфрла, тоа е потвтрда дека системот не е сменет,“ рече мајката на загинатата Надица, Габриела Наумова.

Родителите побараа и итна институционална поддршка за сите семејства, јасен одговор за доцнењето на истрагата и конкретни рокови за завршување на постапките.

Освен пратеници на седницата присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Мицкоски по седницата, која треба да продолжи следната недела, ги повика пратениците да поднесат предлог-измени за законските пропусти, порачувајќи дека правда на Анкетна комисија не може да има, туку само во судски процес.

„За да има правда мора да има факти од истрагата, што може да се компромитира и тие кои треба да бидат одговорни, нема повеќе да бидат одговорни. Вистинското прашање зошто токму сега после девет месеци од трагедија и зошто континуирано некој прави политичлки егзибиции?“, рече Мицкоски.

Комисијата не врши истражни функции, но нејзините наоди можат да бидат основа за поведување на постапка за утврдување на политичка одговорност на носителите на јавни функции.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести