Која е американската амбасадорка Агелер, која заминува од Македонија

Анџела Агелер нема повеќе да биде американски амбасадор во Македонија. Заедно со уште околу 30 други амбасадори на САД низ светот, е отповикана од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трамп ја отповика американската амбасадорка во Македонија, Агелер

Станува збор за амбасадори кои беа поставени од страна на претходниот американски претседател Џо Бајден.

Информацијата ја потврдија и од американската Амбасада во Македонија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Агелер си заминува од Македонија, потврди американската Амбасада во земјава

Која е Агелер

Агелер стана амбасадорка на САД во земјва во ноември 2022 година.

Оваа не беше прв ангажман на Агелер во Македонија. Претходно во нејзината дипломатска кариера таа беше ангажирана и како претставник за односи со јавноста во американската Амбасада во Скопје.

Агелер е дипломат од кариера со функција министер-советник вработена во Службата за надворешни работи на Стејт департментот, која била и заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата на САД во Пакистан.

Претходно, била задолжена за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Париз, в.д. заменик помошник државен секретар во Бирото за Јужна и Централна Азија и во Канцеларијата на специјалниот претставник за Авганистан и Пакистан во Вашингтон, како и заменик помошник државен секретар за печат и јавна дипломатија.

Меѓу нејзините претходни ангажмани се и советник за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Пакистан, аташе за култура и печат во американската Амбасада во Виетнам, портпарол на Бирото за конзуларни прашања на Стејт департментот, а извршувала и повеќе должности во амбасадите на САД во Франција и во Индија.

Пред да биде ангажирана во Службата за надворешни работи, Агелер работела и во амбасадите на САД во Буркина Фасо и во Унгарија, како и во Генералниот конзулат во индискиот град Мадрас.

Претходно била вработена во Националната галерија за уметност во Вашингтон, а била и волонтер на американскиот Мировен корпус во Централноафриканската Република.

Агелер е добитник на бројни награди на Стејт департментот, вклучувајќи ја и наградата за помошник секретар за извонредни остварувања, како и на наградата „Милдред Синклер“.

Дипломирала на Универзитетот во Јута, а зборува француски, македонски и делумно хинду јазик.

Фото: Американска амбасада/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести