Нова веб-апликација на Народната банка за полесно споредување на банкарските кредити и депозити

Народната банка овозможи нова веб-апликација „Споредба на податоците од банките и штедилниците за кредити и депозити за физички лица“, современа дигитална алатка наменета за сите граѓани кои сакаат лесно да ги споредат понудите на банките и штедилниците во земјава врз основа на транспарентни информации, информираат од таму.

Апликацијата овозможува брз и прегледен увид во каматните стапки и другите важни услови под кои се нудат кредитите и депозитите, со цел граѓаните да можат да донесат финансиска одлука заснована на информации и според нивните лични потреби и можности.

Преку едноставна алатка, корисниците можат да избираат вид на кредит или депозит, да ги споредуваат каматните стапки и надоместоците, да применуваат филтри според типот на производот, износот, рокот, каматните стапки, како и да добијат основни, но релевантни информации за секој финансиски производ на едно место.

-Со воведувањето на оваа веб-апликација, Народната банка обезбедува нов, модерен и практичен начин за споредување на понудите на финансиските институции, со што директно придонесува кон зголемување на транспарентноста, јакнење на финансиската писменост и финансиската информираност.

Податоците за кредитите и депозитите ги доставуваат банките и штедилниците и тие се одговорни за нивната точност и за редовното ажурирање.

Народната банка, во рамките на својата улога, и во иднина ќе биде посветена на унапредувањето на транспарентноста, заштитата на потрошувачите, финансиската едукација и довербата во финансискиот систем, преку дигитални решенија во интерес на граѓаните, велат од таму.

Оваа веб-апликација е поддржана од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ) и е изработенa со финансиска помош од Европската Унија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести