По предлог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), вчера на две лица, кои претходно биле сослушани во својство на осомничени, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определил мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа, информираа од Обвинителството.
„Како резултат на преземените дејствија и анализата на прибраните информации и докази, постојат основи на сомнение дека лицата преземале активности поврзани со запленетите 5 тони марихуана во Република Србија, поради што јавниот обвинител достави образложен предлог за определување краткотраен притвор.
Барањето за определување на краткотрајниот притвор е со цел обезбедување на лицата и овозможување на доволно време на јавниот обвинител за преземање на неопходните процесни дејствија и донесување соодветна одлука за понатамошно постапување. Во вакви случаи, особено кога се работи за предмети со поголема сложеност, како и предмети со меѓународен карактер, временските рокови често се ограничени, што ја оправдува примената на оваа мерка.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со интензивно постапување во предметот и јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек, согласно законските можности“, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Србија запленети 5 тони марихуана од фирма во Македонија
Вонредна контрола во скопска “Алфафарм“, која е поврзана со заплената на 5 тони марихуана во Србија














