„Нема да молчиме“, „Жените не се безбедни дома, ни во институциите. Тогаш каде се?“, „Преку ружава сте ми од вашите непостапувања кон фемицид,“ „Ружите венеат, неправда останува“, „Трпи си, пријави си, умри си“, „Здраво, колку букети ви е животов“, „Нема да молчиме“, „Празник со страв не е мојот став“, „Safe city unsafe woman“ „Не сме слабиот пол, само знаеме да издржиме“, „Можам да бидам се, освен мирна“, „Смртен 8 Март драги дами“…
Ова беа дел од пораките упатени на денешниот Марш по повод 8 Март.
„Денешниот марш под слоганот „Нема да не снема“ е еден вид на отпор кон фигуративното и фактичкото бришење на жените во овој систем кој ги угнетува, ги игнорира и не ги слуша нивните барања и крици за помош против насилство. Буквално ги турка на маргините и на крај ги убива.
На прашањето за родова еднаквост Македонија има уште многу да работи, тоа го гледаме по секојдневната дискриминација на сите жени, почнувајќи од работничките, мајките, земјоделките од сите тие кои што на плеќи го носат товарот за ова општество да опстане,“ рече Марта Стефковска од организациониот одбор на Маршот.
Во еден од говорите беше истакнато дека фемицидот не започнува со последниот удар, тој започнува многу порано.
„Семејното насилство мора да е приоритет за секоја институција. Што гледаме ние секој ден? Сторители кои со насмевка кажуваат „сама си го бара“. Како не ви е срам да порачате да пријавуваме насилство и да не ги повлекуваме пријавите?,” прашаа тие.
Маршот, кој годинава беше масовен, започна од Жена Борец и продолжи до Градски Парк кај украдената биста на Вера Јоциќ, каде што се положи цвеќе.

















Фото: еМагазин.мк













