Утре ќе се одржи „Ден на италијанска технологија за винска индустрија и лозарство“ со учество на девет водечки италијански производители на технологија. Производителите ќе ги презентираат најновите практики, опрема и технолошки иновации за обработка на лозарски насади и целокупен процес за производство на вино.
На презентацијата ќе учествуваат и 30-на македонски компании винарии и увозници на опрема.
„За македонската винска индустрија, зголемувањето на конкурентноста на странските пазари претставува неопходност, а усвојувањето на нови технологии е суштинска алатка.
Винскиот сектор во нашата земја е еден од најважните и најперспективни во агроиндустријата, со долга традиција. Се смета за еден од столбовите на економскиот раст на земјата, придонесувајќи значително за земјоделскиот развој и за вкупната економска експанзија.
Производството и извозот на вино генерираат околу 20% од земјоделскиот БДП, потврдувајќи ја стратешката улога на лозарството. Покрај директниот придонес кон БДП, виното е втор највреден земјоделски производ за извоз, веднаш по тутунот, и обезбедува силно присуство на Северна Македонија на меѓународните пазари,“ велат организаторите.
Италија е светски лидер во производство на енолошка технологија, со сектор вреден околу 5 милијарди евра годишно, од кои 3 милијарди директно поврзани со винската индустрија, трговски суфицит од 2,2 милијарди евра и извозна ориентација од 46%.
Технолошкиот ден дополнително ќе ја зајакне успешната соработка меѓу италијанските и македонските компании, создавајќи нови можности за раст и модернизација на винскиот сектор.
Настанот е во организација на Агенцијата ИТА – Оддел за промоција на економската соработка при Амбасадата на Република Италија, во соработка со Унионе Италиана Вини (Асоцијација на италијански производители на машини и опрема за винарство и лозарство) и ВОМ (Здружение Вина од Македонија).
Фото: Unsplash













