Газдата на „Пулс“ не соработувал со полицијата, кога ќе фателе малолетници, кажаа сведоци на одбраната на тројцата обвинети полицајци

Денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето на тројцата полициски службеници – Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков, на кои им се суди за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани.

За полициски службеници во врска со случајот има три предмети, а тројцата од овој предмет на претходното рочиште се изјаснија за невини.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Тројца обвинети полицајци за трагедијата во „Пулс“ велат дека не се виновни

На денешното рочиште сведочеше сведокот на одбраната, Ерхан Хаџимита, полициски службеник во Полициската станица Кочани.

Тој меѓу друго рече дека двапати учествувал во полициски контроли во “Пулс“ во текот на 2023 година заедно со одговорниот на полициската екипа – обвинетиот Лазаров.

При една од контролите, како што кажа нашол две малолетнички во „Пулс“. Им ги одзел личните карти и му ги предал на Лазаров, на што реагирал првообвинетиот во главниот случај за трагедијата, Дејан Јованов Деко, кој не сакал да соработува.

Јованов не сакал да соработува и при друга контрола во која бил сведокот, и во случаеви кога биле барани документи за т.н. дискотека или фирмата, од него.

Сведочеше и Борче Иванов, уште еден сведок на одбраната, кој сега бил главен советник на Комисијата за прекршоци во Министерството за внатрешни работи.

Тој во 2023 година бил началник на надворешната канцеларија за криминалистички работи во Кочани, а во своето сведочење меѓу друго кажа дека ако сопственик не даде документи за објектот при контрола, податоците ги барале од Централниот регистер, но не кажа како знаеле за која фирма да бараат податоци.

Богатинов и Лазаров се обвинети за кривичното дело злоупотреба на службената положба, а Темелков за две поврзани дела – злоупотреба на службената положба и овластување.

Според Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое го отвори случајот, тие како службени лица при изготвување на записници внесувале неточни податоци и овозможиле неправилно водење прекршочни постапки. Наместо на име на активниот субјект „Пулс“, каде што биле констатирани прекршоците, тие пишувале прекршочни пријави на фирма која не е активна.

На тој начин обвинетите овозможиле противправна имотна корист за „Пулс“ и за одговорното лице Митко Стојанов.

Судењето го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Спасенка Андонова, која дојде на местото на Ивана Алексова Трајчева, на која неодамна Советот на јавни обвинители не и го продолжи мандатот во ОЈО ГОКК.

Судењето продолжува на 20. април.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поднесени три обвиненија и за полициските службеници за пожарот во „Пулс“ во Кочани

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести