Тројца обвинети полицајци за трагедијата во „Пулс“ велат дека не се виновни

Денеска во Кривичниот суд Скопје започна судскиот процес за тројца полициски службеници во врска со трагедијата во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани.

Станува збор за Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков, кои се полициски службеници од Кочани.

Сите се изјаснија дека не се виновни.

Богатинов и Лазаров се обвинети за кривичното дело злоупотреба на службената положба, а Темелков за две поврзани дела – злоупотреба на службената положба и овластување.

Според Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое го отвори случајот, тие како службени лица при изготвување на записници внесувале неточни податоци и овозможиле неправилно водење прекршочни постапки. Наместо на име на активниот субјект „Пулс“, каде што биле констатирани прекршоците, тие пишувале прекршочни пријави на фирма која не е активна.

На тој начин обвинетите овозможиле противправна имотна корист за „Пулс“ и за одговорното лице Митко Стојанов.

ОЈО ГОКК поднесе обвинителен предлог против уште девет полициски службеници во врска со трагедијата. Тие исто така се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, но во врска со издавањето лиценци за работа на т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани.

Почетокот на судскиот процес за овој случај е закажан за 25. март.

Исто така пред неколку денови Основниот кривичен суд Скопје го одобри и обвинителниот акт за уште 13 полициски службеници, исто така, обвинети за кривични дела поврзани со трагедијата во „Пулс“.

Почетокот на главната расправа за овој предмет сè уште не е закажана.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Судењето за дел од полицајците обвинети за „Пулс“ започнува во март

Поднесени три обвиненија и за полициските службеници за пожарот во „Пулс“ во Кочани

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести