(Фото) Реконструирани шест операциони сали на хируршките клиники

Комплетно се реконструирани шест операциони сали на хируршките клиники во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Две од нив се на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар – ТОАРИЛУЦ (Оддел трауматологија), две на Клиниката за урологија, а две на Клиниката за детска хирургија.

Извршена е комплетна реконструкција и реновирање, комплетна замена на инсталација, подови, прозори, а сите градежни зафати се извршени според највисоките стандарди.

На Клиниката за ТОАРИЛУЦ е обезбедена и комплетно опремена нова хируршка опрема, која опфаќа нови анестезиолошки машини, операциони светла и монитори, нов мобилен рендген апарат, како и апаратура за бескрвни операции на дланка и нога со запирање на протокот на крв. Поставен е и нов систем за вентилација и внес на воздух.

Во салите на Клиника за урологија се обезбедени два најсовремени апарати, од кои едниот за биопсија на простата (ова е единствен ваков апарат на Балканот и вакви апарати има само во најразвиените уролошки центри) на кој се врши таргет-биопсија односно исклучително прецизно се таргетира само сомнителното ткиво. Исто така, обезбеден е и ласер за енуклеација на простата, односно за изведување бескрвна операција.

Градежните активности за овие сали почнаа на почетокот на ноември.

Станува збор за пообемен проект кој опфаќа вкупно 10 хируршки сали, во вкупна вредност од 282 милиони денари.

Во периодот што следува ќе се реновираат и три сали на Клиника за дигестивна хирургија и една нова сала за Ургентниот центар, која ќе биде наменета за еднодневните интервенции.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести