Преку градење доверба кај клиентите до ефикасен и континуиран раст на депозитната база на Халкбанк, вели Маја Гогоска, директор на дирекција за управување со депозити

Маја Гогоска е директор на Дирекција за управување со депозити во Халкбанк. Во интервју за еМагазин го потенцира градењето на довербата со клиентите кои се повеќе создаваат навики за штедење, атрактивните каматни стапки на банката кои придонесуваат кон тоа, како и ефикасното управување со кредитната база.

Важен дел од работата претставува дигитализацијата на услугите, а дигиталните производи се добро прифатени од клиентите.

„Дигиталните производи кај нас не се само дополнување на понудата, туку составен дел од стратегијата за привлекување и задржување на клиенти. Факт е дека денес голем дел од граѓаните очекуваат брзи процеси, можност за самостојно управување со средствата и производи кои го почитуваат нивното време. Воведувањето решенија како онлајн депозит и онлајн кредит е токму одговор на тие потреби,“ вели Гогоска меѓудругото во интервјуто.

Иако често се зборува дека во земјава се троши повеќе отколку што се штеди, статистиките покажуваат дека граѓаните и компаниите сепак штедат. Каква е вашата проценка за навиките на штедење во Македонија и како Халкбанк придонесува тие да се унапредат?

– Во Македонија постои долга традиција на штедење и таа финансиска култура е присутна и денес. Ако се погледнат податоците од изминатите години, јасно се гледа дека штедењето е стабилна навика и кај граѓаните и кај компаниите. Вообичаено, со години стапките на раст на депозитите се движеа околу 8%, што е навистина значајно, особено ако ги земеме предвид периодите на економска неизвесност, глобални кризи и пазарни турбуленции.

Она што е особено важно е фактот дека дури и во најпредизвикувачките години, депозитната база не само што не опаѓаше, туку продолжуваше да расте. Во 2025 година дури имавме и поизразена динамика и во рамките на истата депозитите се зголемија за околу 11%, што зборува за стабилност, рационално финансиско планирање и континуирана доверба во банкарскиот систем.

Позитивно е што раст е присутен во двата сегмента и кај физичките лица и кај корпоративниот сектор. Според она што е објавено од Народна банка, на крајот на 2025 година средства на граѓаните доверени во банките достигнаа речиси седум милијарди евра, што е показател и за финансиска култура, и за доверба, и за потребата од стабилност во услови на економски предизвици. Истовремено, и корпоративниот сектор има значаен придонес. Вкупните депозити на компаниите изнесуваат 2,88 милијарди евра, со годишен раст од 9,3%. Ова укажува на тоа дека и деловните субјекти внимателно планираат, одржуваат ликвидност и создаваат резерви за идни инвестиции. Ова е секако добар показател за целокупната финансиска клима во државата.

Од наша страна, како банка, ова ни дава јасен правец, да продолжиме да нудиме производи што се прилагодени на реалните потреби на клиентите, со атрактивни каматни стапки, различни опции за штедење и модерни дигитални решенија што го олеснуваат процесот. Штедењето е навика што кај нас опстојува со децении, а ние сме тука да ја поддржиме и дополнително да ја зајакнеме

Халкбанк бележи континуиран раст на депозитната база од година во година. На што го препишувате овој перманентен раст и кои се клучните фактори што ја зајакнуваат довербата на клиентите?

– Во изминатиот период навистина бележиме стабилен и здрав раст на депозитите. Ланската година ја завршивме со вкупната депозитна база од 1,58 милијарди евра, од кои 1,39 милијарди евра се депозити на наши клиенти. Многу е значајно што структурата е рамномерна и избалансирана, 56% се депозити на физички лица, а 44% на правни лица, што укажува на голема доверба и од граѓаните и од корпоративниот сектор.

Ако се осврнеме на претходниот период, во 2024 година, само до ноември имавме раст на депозитната база од 168 милиони евра, а на крајот на годината таа достигна речиси 1,2 милијарди евра. Тоа беше една од најдинамичните години во однос на прилив на нови депозити, што создаде силна основа за растот што го гледаме сега. Ланската година таа порасна за дополнителни околу 190 милиони евра во однос на претходната година.

Тоа е силна потврда за довербата што клиентите ја имаат во Халкбанк, како и за нашата способност да понудиме производи што се усогласени со нивните потреби и очекувања. Она што особено ме радува е силниот раст е кај депозитите на населението. Граѓаните обично се многу внимателни во своите финансиски одлуки, па нивниот избор да ги доверуваат своите средства токму на Халкбанк е најголемата потврда за доверба што може да се добие.

Овие резултати не се случајни, тие се одраз на долгорочната стратегија на банката, на квалитетната комуникација со клиентите и на постојаното вложување во сигурност, достапност и модерни услуги. Кога ќе изградите доверба и ќе понудите производи што навистина им служат на клиентите, резултатите природно следат и така се градат долгорочни штедни навики.

Довербата на клиентите е основа за секоја банка. Како ја градите и одржувате оваа доверба, и истовремено, како обезбедувате ефикасно управување со депозитната база во услови на динамичен и конкурентен пазар?

– Довербата на клиентите не се гради преку една одлука или еден производ, таа се гради секој ден, преку конзистентност, транспарентност и личен однос кон секој клиент. Од наша перспектива, довербата започнува со тоа клиентот секогаш да знае дека неговите средства се безбедни, дека има стабилен партнер и дека секогаш може да добие јасна, навремена и точна информација.

Голем дел од довербата ја градиме преку долгогодишната стабилност на банката и нашата внимателна кредитно-депозитна политика. Клиентите многу го вреднуваат тоа што Халкбанк е институција која не носи импулсивни одлуки, туку стратешки, со прецизно управување со ризиците и одговорност кон секој сегмент на работењето. Постојано сме присутни и достапни, било во експозитурите, било преку нашите дигитални канали, што создава чувство на сигурност и близина.

Ефикасното управување со депозитната база, пак, подразбира внимателно следење на пазарните трендови, каматните движења и потребите на клиентите. На динамичен и конкурентен пазар, секоја банка мора да биде агилна, да креира понуда што е атрактивна, но истовремено одржлива. Кај нас тоа значи постојано усогласување на производите, нудење конкурентни и фиксни каматни стапки, доколку станува збор за орочени депозити, разновидност на опции за штедење и силна поддршка преку дигиталните услуги.

Она што е особено важно е што никогаш не гледаме на управувањето со депозитите само како на бројка, туку како на однос. Депозитите се доверени средства, а секој клиент е партнер со кој градиме долгорочна врска. Тоа ни овозможува да ја одржиме стабилноста на депозитната база и во услови на повисока конкуренција, и во услови на економска неизвесност.

На крајот, довербата и ефикасното управување се надополнуваат, кога клиентите веруваат во банката, депозитната база природно расте, а кога банката одговорно управува со средствата, довербата само се засилува. Тоа е циклус на стабилност кој го негуваме и на кој сме исклучително посветени.

Халкбанк е позната по широка понуда на депозитни производи. Што се издвојува како најатрактивно за клиентите и дали планирате воведување нови производи со уште поповолни услови?

– Кога станува збор за депозитни производи, секогаш настојуваме да понудиме палета која ќе одговори на различните потреби на клиентите, од оние кои сакаат краткорочна ликвидност, до оние кои се одлучуваат за подолгорочно штедење со поволни услови. Она што го гледаме во пракса е дека клиентите најмногу го ценат изборот, транспарентноста и флексибилноста.

Кај граѓаните, најатрактивни се орочените депозити со конкурентни каматни стапки, особено во денари. Понудата е структурирана така што секој може да најде производ согласно своите планови, од краткорочни орочувања, до депозитни производи со подолг период и повисока камата за оние што имаат јасна цел за штедење. За оние на кои најважно им е парите да им се безбедни, изборот е Генералното штедење. Истовремено, сè поголема популарност имаат и штедните сметки со флексибилни услови, каде клиентите можат да депонираат и подигнуваат средства, а сепак да задржат принос, а токму тоа го нуди нашиот Флекси депозит.

Или, пак, можноста за вложување средства во периодот на орочување секогаш кога клиентот има „вишок“ пари кои сака да ги остави на сигурно и за тоа да добие принос. Тоа кај нас го нуди производот Мој депозит. Бидејќи ние во Халкбанк особено внимание посветуваме на најмладите, го имаме производот Детско штедење – Халки со кој се создава навика за штедење од мали нозе, но стовремено се обезбедува посигурна иднина за децата. Комбинацијата од сигурност, стабилност и извесност за принос е нешто што граѓаните навистина го ценат.

Во сегментот на корпоративни клиенти, фокусот е малку поинаков, таму приоритет е ликвидноста, сигурното управување со вишокот средства и можноста за планирање на готовинските текови. Корпоративниот сектор препознава дека банката нуди стабилност и фер услови, што се клучни елементи при изборот каде ќе се чуваат компаниите средства.

Што се однесува до нови производи, веќе работиме на проширување на депозитната понуда и за физички и за правни лица. Пазарот е динамичен и клиентите очекуваат современи решенија, од уште попривлечни каматни модели, до поголема дигитализација и автоматизација на производите. Целта ни е да обезбедиме производи кои ќе бидат истовремено конкурентни, флексибилни и едноставни за користење.

Во овој период го истакнувам Пролетниот промо депозит на 25 месеци наменет за физички лица кој е со каматна стапка 3,3% за денари и 2,5% за евра, американски долари и британски фунти. Производот нуди можност за долгорочно штедење со планиран принос од фиксна камата која може на клиентот да му биде исплатена месечно или на крајот на периодот. 

Во суштина, најатрактивни за клиентите се производите што им овозможуваат сигурност, предвидлив приход и избор, а ние токму на тоа сме фокусирани и во иднина.

Во моментов имате понуда за онлајндепозит со атрактивна каматна стапка.Како овој производ се вклопува во целокупната стратегија за привлекување и задржување на клиенти, особено во дигиталната ера?

– Во последниве години забележуваме дека клиентите сè повеќе ги следат трендовите, брзо реагираат на новитети и очекуваат современи производи кои се лесни за користење и достапни во секое време. Затоа постојано креираме промотивни производи во различни периоди од годината. Овие понуди секогаш будат интерес кај клиентите, кои внимателно ги следат и знаат да препознаат добра можност.

Во моментов голем фокус има онлајн депозитот со атрактивна камата, кој е одличен пример за тоа како ги комбинираме дигиталните решенија со атрактивни услови. Овој производ им овозможува на клиентите брз, едноставен и целосно дигитален процес, без одење во банка, без долгa документација, без непотребни чекори. Тоа е модел кој им одговара на современите навики на граѓаните и целосно се вклопува во нашата стратегија за дигитална трансформација.

Морам да потенцирам дека сме навистина горди на овој производ бидејќи Халкбанк беше првата банка што воведе онлајн штедење на македонскиот пазар. Овој депозит им овозможува на клиентите да орочат средства преку неколку кликови, во секое време и од кое било место, со истата сигурност и транспарентност како и во експозитура. Клиентите веднаш ја препознаа удобноста и предностите – нема потреба од чекање, пристапот е 24/7, а условите се навистина конкурентни.

Дигиталните производи кај нас не се само дополнување на понудата, туку составен дел од стратегијата за привлекување и задржување на клиенти. Факт е дека денес голем дел од граѓаните очекуваат брзи процеси, можност за самостојно управување со средствата и производи кои го почитуваат нивното време. Воведувањето решенија како онлајн депозит и онлајн кредит е токму одговор на тие потреби.

Со секој нов дигитален производ правиме чекор напред и ја потврдуваме нашата позиција како лидер во воведување модерни и напредни дигитални услуги на пазарот. Тоа ни помага не само да привлечеме нови клиенти, туку и да создадеме долгорочни односи со постојните, преку сигурност, удобност и иновација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести