На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани, сведочеше Мартин Димитров, кој со другарите и девојката бил во објектот кобната ноќ.
Меѓу друго рече дека пожарот почнал околу 2 и пол часот, и дека многу присутни на почетокот не биле свесни за трагедијата што следи.
Кога тргнале да излегуваат од објектот заглавиле на излезот, а како што посочи “ако подзакасневме 8 до 12 секунди немаше да излеземе“.
Рече и дека во т.н. дискотека имало од 600 до 700 лица и дека не забележал противпожарни апарати, ниту хидранти, освен стрелки за излез над единствената отворена врата.
Сведочеше и Анастасија Илиева. Таа го потврди тоа што е веќе познато од претходните рочишта – дека во т.н. дискотека имало малолетници. Вечерта била таму со другарки, од кои две биле малолетнички, а на влезот не им барале лични карти.
И тие не биле свесни за тоа што следи. Кога тргнале да излегуваат настанало стампедо, а таа изгубила свест помеѓу вратата и тоалетот, по што била спасена преку дупка направена во ѕидот.
Уште еден сведок, кој исто така бил гостин во „Пулс“ таа вечер сведочеше за хаосот кој настанал откако пожарот кој почнал од плафонот се раширил за 30 секунди.
Рече и дека врз него паднала ПВЦ-врата и седум луѓе, а бил спасен од пожарникар и обезбедувањето.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Инспекторка кажа оти не го контролирала “Пулс“ оти работел под нова фирма
Фото: Игор Бансколиев














