Во болницата во Кочани ќе се вршат мамографски прегледи за пациентките од Штип и регионот

Министерството за здравство информира дека поради дефект на мамографскиот апарат во Клиничка болница Штип е воспоставена координирана организација со цел непречено обезбедување на мамографски прегледи за жените од источниот регион.

Во таа насока, директорите на Клиничка болница Штип и Општа болница Кочани договориле взаемно решение со кое се овозможува континуитет на услугата.

Мамографиите ќе се изведуваат во Општата болница во Кочани, додека пак снимките ќе се читаат и интерпретираат од стручниот тим во Клиничка болница Штип.

– Согласно медицинските индикации, пациентките кај кои е потребен дополнителен ехо преглед на дојка ќе се упатуваат и прегледуваат во Штип. Правиме напори за обезбедување нов мамограф за Штип, по соодветните проценки во изминатиот период за неможност за поправка на истиот, вели Владко Захариев, директор на Клиничката болница Штип.

За пациентките од другите градови од источниот регион е предвиден посебен ден за прегледи, со цел подобра организација и поголема достапност.

Директорот на Клиничка болница Штип информира дека со оваа организација се овозможува преглед на околу 100 пациентки месечно да добијат мамографски преглед.

Директорката на Општа болница Кочани, Катерина Мирчовска вели дека ќе се воведе втора смена со цел да се излезе во пресрет на жените од источниот регион.

– Отворивме зголемен број термини, со цел да одговориме на потребите и да обезбедиме што поголем опфат на жените од целиот источен регион со оваа важна здравствена услуга, вели Мирчовска.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести