Ченто ја тужи Русковска за „27 април“, таа вели пресудата беше потврдена од Апелација и Врховен

Еден од осудените за настаните во македонското Собрание од 27. април 2017 година, Јане Ченто, денеска заедно со други осудени за случајот, Богдан Илиевски и Борис Дамовски, кои беа амнестирани, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за поранешната обвинителка Вилма Русковска.

Кривичната е за попречување на правдата и за злоупотреба на службената положба.

Тие како што информираа до Обвинителството меѓу друго доставиле изјава од еден од сведоците во случајот, заверена на нотар, дека дал лажен исказ во постапката.

-Доказите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во оваа постапка, меѓу брат на еден висок функционер и сведок, на можни договори со обвинителот, како и насочување на сведочењето што го даде сведокот во таа постапка.

Сведокот со изјава заверена на нотар изјавува дека неговиот претходен исказ даден во постапката бил невистинит и дека на истиот му било ветено дека ќе му се помогне во други кривични постапки доколку даде таков исказ, рече Ченто меѓу друго, посочувајќи дека дополнително постои вештачење од овластен судски вештак од телефони кое ја поткрепува изјавата од сведокот заверена на нотар и дека кривичната е само почеток на „борбата„.

Русковска пак во изјава за Слободен печат вели пресудата била потврдена од Апелацискиот суд и од Врховниот суд и дека истата е замајување на јавноста откако ВМРО-ДПМНЕ не им го исполнил предизборното ветување на осудените дека ќе ги амнестира.

-Ние обвинителите сме само странка во постапката, конечната одлука ја носи првостепениот и второстепениот суд.

За разлика од Јане Ченто, јас се борам со силата на аргументите и доказите, а не со насилство. Насилството никогаш не е решение, пресудата беше потврдена од Апелацискиот суд и од Врховниот суд, така што тоа подразбира дека немало никакво незаконско постапување во која било инстанција.

Ова е, според мене, замајување на јавноста, бидејќи едно од предизборните ветувања на сегашната влада беше дека ќе ги ослободат обвинетите од „27 април“. И сега се поставува прашањето – зошто кривичната пријава е само против мене, а судот ја носи пресудата.

Па, кај е обвинителот или обвинителката, не знам кој постапувал пред Апелацискиот суд во второстепена постапка и судиите таму. Каде е обвинителот или обвинителката пред Врховниот суд.

Ова е свртување на внимание, мислам, од она предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ кое не го исполнија, вели таа меѓу друго за Слободен печат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести