Продолжува трендот на бегство на странски работници во Македонија.
Нови случаи на бегство се пријавени во полицијата од страна на фирми од тетовските села Доброште и Жеровјане.
Имено од тетовска фирма избегале тројца работници од Бангладеш. Тие имале регулиран престој во Македонија.
Од фирма од Жеровјане пак избегале уште двајца работници од Бангладеш. И тие имале регулиран престој.
Лани избегале 166 работници
Според податоци на Министерството за внатрешни работи (МВР) лани од Македонија избегале 166 работници, кои имале регулиран престој во Македонија.
Тие најчесто се ангажираат преку агенции – посредници.
Со години, најмногу работници во Македонија има од Турција, а во 2024 и 2025. година во топ пет државите чии државјани добиле позитивни мислења за регулиран престој во земјава се и Непал, Бангладеш, Филипини и Индија.
10.000 работни дозволи за странски државјани за 2026 година
Годинава Владата одобри квота од 10.000 работни дозволи за странски државјани за 2026 година, а одлуката стапи на сила од 16 јануари.
Од вкупната бројка, 9.750 дозволи се наменети за редовно вработување, 200 за упатени странци, а 50 за сезонски ангажмани. Во рамки на редовното вработување, 4.500 се предвидени за нови работници, додека 5.250 се за продолжување на дозволите на странци кои веќе работат во земјава.
Агенцијата за вработување лани издала 8.509 позитивни мислења за дозволи за работа, додека МВР издало 6.128 дозволи за престој на странски работници.
Бизнис-заедницата подолг период бара зголемување на квотите за странски работници, посочувајќи дека недостигот од работна сила станува структурен проблем за дел од секторите.














