Државно-црковната делегација на Македонија, предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, во чиј состав се и пратениците Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Беким Ќоку, генералната секретарка на Собранието Марина Димовска и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамки на традиционалната манифестација „Во чест на Свети Кирил“, учествуваше на Молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, информираат од Собранието.







Во словото со кое заврши Молебенот, со кој чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан во сослужение на Митрополитите Пимен и Георги, присутните ја примија пораката за важноста на делата на Кирил и неговите наследници, информираат од Собранието.
-Кирил и Методиј не се само великани, туку темел на нашата историја и нашето битие, денес сме повикани да се угледаме на нив и да разбереме, затоа што денес нивните дела и делата на нивните следбеници живеат во животот на сите кои ги почитуваат, велат од таму.
Државната делегација положила венец со свежо цвеќе на гробот на Свети Кирил, оддавајќи почит на неговото дело и наследство во ширењето на знаењето, писменоста и културата меѓу словенските народи.
Во продолжение на програмата, делегацијата ја посетила базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде претседателот на Собранието и членовите на делегацијата положиле венец на Плочата на македонски јазик.
Делегацијата, исто така, го посетила и гробот на папата Франциск, каде била положена бела роза во знак на почит.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Галерија) Македонска државно–црковна делегација во Ватикан се сретна со Папата
Фото: Собрание














