(Галерија) Македонска државно–црковна делегација во Ватикан се сретна со Папата

Македонската државно-црквена делегација, која ја предводи претседателот на Собранието, Африм Гаши, во рамките на традиционалната манифестација „Во чест на Свети Кирил“ во Ватикан се сретна со Папата Лав XIV.

Во делегацијата се и координаторите на пратеничките групи – Никола Мицевски, Оливер Спасовски и Беким Ќоку, Зоран Љутков, министерот за култура, Марина Димовска, генералната секретарка на Собранието, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски, Господин Господин Стефан, Митриполитот на Европска епархија, Пимен, Митрополитот Дебарско-Кичевски Г. Георгиј и Отец протојереј ставрофор д-р Зоран Стојанов, претставник од Католичката црква.

За време на аудиенцијата, како што информираа од Собранието, Гаши, упатил искрени честитки по повод годишнината од изборот на Папата Лав XIV и ја истакнал посветеноста на Македонија за продлабочување на традиционалните и пријателски односи со Светата Столица.

На средбата биле реафирмирани историските и духовните врски меѓу двете земји, изградени врз наследството на Светите Кирил и Методиј и универзалната фигура на Мајка Тереза.

За време на средбата било нагласено и значењето на промовирањето на мирот, толеранцијата, дијалогот и меѓусебното разбирање меѓу народите и религиите, како универзални вредности што придонесуваат за стабилноста, солидарноста и соживотот во Европа и пошироко.

Гаши подвлекол дека Македонија останува пример за меѓуетнички, мултикултурен и меѓурелигиски соживот, со длабока почит кон верските слободи и конструктивната улога на верските заедници во општеството.

Во рамки на програмата, претседателот на Собранието и дел од делегацијата оствариле и средба со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин, на која се разговарало за унапредување на билатералната соработка, развојот на институционалниот дијалог и можностите за проширување на соработката во областа на културата, образованието, архивистиката и зачувувањето на културното и духовното наследство.

По средбите во Ватикан, делегацијата ја посетила Базиликата „Свети Петар“.

Какови подароци добил Папата

На Папата Лав XIV му бил врачен подарок „Пердув/Перо“ – скулптура од прилепски мермер изработена од скулпторот Андреј Митевски, кој ја пренесува пораката дека пердувот – симбол за слобода, спиртуалност, поврзаност со возвишеното, здружените пердуви ги редефинираат законите на физиката овозможувајќи му на и моќниот орел да ги достигне незамисливите врвови. Од пердувот се раѓа перото – растот на човечкиот ум, го развива просветителството, ја шири писменоста. Од најостриот ум се раѓа најмекото и исконското – зборот, најмоќното оружје и најсилниот лек за душата.

Како личен подарок на Папата му бил врачен Кавал од мајсторот Бобан Анакиев. Кавалот е еден од најпрепознатливите симболи на традицијата во Македонија, инструмент чиј звук со векови ја раскажува приказната за животот, природата и духот на луѓето. Неговата мелодија е тивка, длабока и искрена – звук што допира до секого, без разлика на јазикот, верата или етничката припадност. Звукот на кавалот, иако тивок, секогаш е силен потсетник дека вистинските врски меѓу луѓето се создаваат преку културата, уметноста и човечноста.

На државниот секретар Пјетро Паролин му бил врачен мозаик со мотив на паун – застапен во Базиликите на Стоби и Хераклеа, а денес на монетите во Македонија. Паунот е симбол на духовна вредност, воскресението, бесмртноста, вечниот живот, но и на надежта, обновивањето и светлината.

Програмата завршува со концерт во организација на Министерството закултура, на кој ќе настапи квартетот Консонанс.

Фото: Собрание

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести