Нема целосна евиденција за приемот и потрошувачката на вакцини и медицински материјали, утврдија ревизорите за работата на ИЈЗ

Државниот завод за ревизија утврди низа неправилности во работата на Институт за јавно здравје (ИЈЗ) за 2024 година.

Во клучни утврдени состојби во извештајот на Ревизија се нагласува дека активностите предвидени со Националната годишна програма за јавно здравје за 2024 година не се спроведени во целост, законски предвидените регистри кои се во надлежност на Институтот не се воспоставени, пописот на средствата и побарувањата е нецелосно направен, а за побарувања постари од три години не се преземени активности за наплата.

Во дел од спроведените постапки за јавни набавки утврдени се слабости во примена на одредбите на Законот за јавните набавки, дел од медицинската опрема не е ставена во употреба, утврдени се несоодветни исплати на плата и надоместоци на плата, а има и неправилности поврзани со ангажирани лица со договор на дело.

Како системски слабости е наведено дека Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење се уште не е воспоставен.

„За приемот и потрошувачката на медицински материјали не е воспоставена целосна евиденција и не е извршено усогласување на податоците од сметководствената и материјалната евиденција со спроведениот физички попис на сите потрошни материјали. Приемот и потрошувачката на вакцини не е евидентиран во деловните книги.

Попис на побарувањата не е направен во целост, а за побарувања во износ од 18.245 илјади денари, кои се постари од три години не се преземени активности за наплата,“ стои во Извештајот.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести