Напредокот на Македонија во однос на реформите на патот кон Европската унија (ЕУ) е недовелен, особено во делот на владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата, се вели во соопштението по изгласувањето на извештајот подготвен од европратеникот и известувач за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, од страна на Комитетот за надворешни работи на ЕП.
Истиот сега треба да оди на гласање на пленарна седница на ЕП.
Европратениците ја нагласуваат својата поддршка за посветеноста на државата кон членството во ЕУ, но нагласуваат дека напредокот во преговорите за пристапување продолжува да зависи од трајни и длабински реформи.
„Пратениците жалат за недостигот на напредок од последниот извештај и нагласуваат дека итно се потребни обновена политичка посветеност и меѓупартиска соработка, не само за усвојување на потребните уставни амандмани што би овозможиле отворање на првиот преговарачки кластер“, се вели во соопштението.
Во однос на политичката поларизација, ги повикуваат сите политички партии да се повлечат од жестоката реторика и да соработуваат во унапредувањето на европската траекторија на земјата.
Европратениците изразуваат загриженост за недоволниот напредок во делот на независноста на судството и напорите за борба против корупцијата.
Од тука тие предупредуваат дека корупцијата останува распространета во многу области и укажуваат на јазот помеѓу објавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво.
Пратениците нагласуваат и дека одржливиот економски раст на земјата зависи од зајакнувањето на владеењето на правото и судската предвидливост.
Европратениците, исто така, предупредуваат на координирани обиди за манипулирање со информативната средина и поткопување на довербата во демократските институции и европската иднина на земјата преку непријателско странско мешање и кампањи за дезинформации.
Фото: Игор Бансколиев













