Дали секој што имал должност ја извршил совесно, професионално и во рамки на своите овластувања, прашаа роднините на загинатите во „Пулс“ на 45. Марш на ангелите. Според нив прашањето не е што се правело откако почнал пожарот, туку дали било направено сѐ што било должност да се направи, за до него воопшто да не дојде.
„Со секоја должност доаѓаат обврски. Со секое овластување, одговорност, со секоја униформа очекувања дека ќе се постапува професионално, навремено и еднакво кон сите. Никој не спори дека спасувањето е човечка должност. Но оваа постапка не се води за тоа што се случувало откако пожарот веќе започнал. Прашањето е дали секој што имал службени обврски и законски овластувања ги извршувал така како што се очекува од институција,“ рече Розета Џамова, сестра на починато момче.
Присутните порачаа дека не бараат пресуда однапред, туку бараат одговори, сериозност и барем малку достоинство.
„За едни ова се минути, листинзи и процедури, за други ова е живот што повеќе никогаш нема да се врати“, порачаа тие.
Фото/Игор Бансколиев













