Министерството за внатрешни работи (МВР) доби возила и специјализирана опрема обезбедени во рамки на регионалниот ИПА проект „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан (EU4FAST)“.
Во рамки на донацијата беа предадени 30 алатки за проверка на документи, два детектори за срцебиење, за откривање на лица во скриени простори, седум возила (четири теренски возила и три комбиња), како и пет видео камери, наменети за Граничната полиција и Националната единица за борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе.
Министерот Панче Тошковски истакна дека поддршката од Европската Унија претставува конкретен придонес во јакнењето на капацитетите на македонската полиција и во унапредувањето на нејзината оперативна ефикасност.
„Живееме во комплексно геополитичко време кое бара максимална будност и кохезија на безбедносните структури. Нашите граници се рамноправен дел од безбедносната архитектура на европскиот континент, а нашите институции се на првата линија на одбрана на заедничките европски вредности. Затоа секоја инвестиција во модернизацијата на нашите служби е истовремено инвестиција во мирот и стабилноста на целиот европски простор“, нагласи Тошковски.
Министерот посочи дека криминалните мрежи делуваат транснационално и постојано ги адаптираат своите методи, поради што е неопходен координиран и навремен одговор заснован на силна меѓународна соработка.
Тој истакна дека проектот EU4FAST претставува успешен пример за заедничко дејствување на институциите од регионот и европските партнери преку обуки, размена на информации и координирани активности на терен.
„Донираните возила и специјализирана опрема веднаш ќе бидат ставени во функција, со што значително ќе се зголемат мобилноста, ефикасноста и оперативните капацитети на полициските единици во справувањето со криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе“, истакна Тошковски.
Тој нагласи дека овие форми на организиран криминал имаат директни последици врз човечките судбини, поради што Министерството за внатрешни работи продолжува да применува мултидисциплинарен пристап со силна хумана компонента во секоја оперативна активност.
Проектот EU4FAST ги поддржува партнерските институции во регионот во зајакнување на превенцијата, истрагата, гонењето на сторителите како и заштитата на жртвите, преку комбиниран пристап кој опфаќа обуки, техничка помош, набавка на опрема и унапредување на меѓуинституционалната соработка.


Фото: МВР













