Телеком влегува во партнерство со Министерството за дигитална трансформација и Британскиот совет за „Училишта на 21 век“

Македонски Телеком, Министерството за дигитална трансформација и Британскиот совет започнуваат партнерство за „Училишта на 21 век – Фаза 2“, проект насочен кон развој на дигитални вештини кај учениците, информираат од таму.

Проектот ќе трае од мај 2026 до јули 2027 година и ќе опфати ученици на возраст од 9 до 10 години и наставници од одделенска настава кои ќе работат на критичко размислување, решавање проблеми, програмирање, сајбер безбедност и основни концепти на вештачката интелигенција.

Македонски Телеком оди чекор понапред и опремува пет училишта низ Македонија со компјутерска опрема. Првата донација на компјутери се реализира во училиштето „Коста Рацин“ во Брвеница, каде што се одржа и настан за почеток на проектот.

„Имаме заедничка одговорност да им обезбедиме на децата пристап до знаења и вештини што ќе им бидат потребни во современиот свет. Преку овој проект, а и преку донацијата на компјутери, сакаме да создадеме подобри услови за учење, работа и развој на дигитални компетенции. Ова партнерство е важен чекор кон создавање генерации подготвени за иднината“, изјави Горан Марковиќ, главниот извршен директор на Македонски Телеком.

„Училишта на 21 век – Фаза 2“ се спроведува во насока на развивање на дигиталните вештини и пошироко прифаќање и имплементирање на современите технологии во образовниот процес. На тој начин, ова партнерство дава значаен придонес кон модернизацијата на образованието и подготовката на младите за дигиталната иднина.

„Проектот ќе биде наменет за цела Македонија, опфаќа вкупно 100 училишта и повеќе од илјада наставници кои ќе поминат обука каде ќе се стекнат со вештини како да ги користат овие микро-бит уреди во нивната настава“, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

„Со проектот „Училишта на 21 век – Фаза 2“, заедно со Телеком и Министерството за дигитална трансформација, обезбедуваме младите да развијат не само дигитални вештини, туку и самодоверба, критичко размислување и отпорност што ќе им бидат потребни во свет кој сè повеќе е обликуван од технологијата и вештачката интелигенција“, изјави Регионалната директорка на Британскиот совет за Западен Балкан, Клер Сиарс.

Проектот „Училишта на 21 век – Фаза 2“ придонесува за подготовка на младите луѓе со вештини, кои сè повеќе се бараат на идниот пазар на труд, вклучително аналитичко размислување, креативност, технолошка писменост и иновативност. Со програмата ќе се опфатат повеќе од 20.000 ученици на возраст од 9 до 10 години, и ќе се обучат околу 1.000 одделенски наставници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести