Меѓународните критики за „Скејтбордингот не е за девојчиња“, го препознаваат филмот како силна приказна за женската автономија

По светската премиера на „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума на Tribeca Festival во Њујорк, пристигнаа и првите меѓународни критики, кои го препознаваат филмот како силна, искрена и општествено релевантна приказна за женската автономија, семејството, сиромаштијата и судирот меѓу традицијата и современиот живот.

Cineuropa:

Дума покажува сигурен режисерски глас и јасна контрола врз материјалот со кој работи. Овој филм покажува дека пред неа сè уште има простор за раст и авторско истражување, но истовремено ја издвојува како талент што вреди да се следи. Уште поважно, нејзината работа придонесува кон поширокото поместување кон поголема женска застапеност зад камерата, нудејќи промислена и навремена перспектива за прашања што и денес остануваат длабоко релевантни.

Filmhonuds:

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е филм што најсилно функционира токму тогаш кога отворено и искрено ѝ пристапува на темата со која се занимава. Ништо не е пренагласено или изведено во претерана драма; напротив, Дума ги поставува работите што е можно пореалистично.

Со „Скејтбордингот не е за девојчиња“, Дина Дума се определува за реализам и емоција, кои во финалниот резултат се совршено избалансирани. Наместо да ѝ наметнува ставови на публиката, Дума им дозволува на сликите и моментите да останат пред гледачот, оставајќи визуелниот јазик сам да проговори. Токму тука филмот најсилно блеснува. Едноставно кажано, ова е воздржан и убав филм, на најмоќниот можен начин.

Next Best Picture:

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ претставува важен филмски увид во едно угнетувачко општество и во штетните уверувања и практики што го спречуваат да се развива, воден од потези на многу силна филмска режија.

Unpaid Film Critic:

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е филм за жени со реални и опипливи драмски потреби, кој ги отвора ограничените можности на една самохрана мајка во оваа култура. Филмот не нуди лесни одговори за безизлезните ситуации во кои се наоѓаат неговите ликови, и токму затоа делува болно возбудливо и автентично.

Popcorn Reviews:

Режисерката Дина Дума вешто ги користи предметите како метафори, со што го продлабочува подтекстот и ја засилува пораката на филмот. Нејзината режија е мека, нежна и длабоко емотивна.

Позитивни реакции пристигнуваат и од публиката на Letterboxd, каде што се издвојуваат нежноста меѓу сестрите и мајката, визуелната грижа за движењето, текстурата, бојата и кадрирањето, како и надежниот крај на филмот.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја имаше својата светска премиера во International Narrative Competition на Tribeca Festival 2026, една од најзначајните платформи за современ независен филм.

Филмот е втор долгометражен проект на Дина Дума и претставува македонска приказна со силен меѓународен одек, која преку интимна семејна драма отвора универзални прашања за слободата, изборот и положбата на девојките и жените во општеството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИА

Фестивалот на Де Ниро го одбра девојчето со шалвари и скејтборд во режија на Дина Дума

Tribeca NY: Скејтањето е за девојчиња, а филмот е за жени како Дина Дума и Лабина Митевска

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести