Фестивалот на Де Ниро го одбра девојчето со шалвари и скејтборд во режија на Дина Дума

Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, својот пат го започнува громогласно од срцето на Менхетен – на Tribeca Festival кој ќе се одржи од 3 до 14. јуни.

Tribeca Festival важи за еден од најзначајните филмски фестивали во САД, каде еден од основачите е Роберт Де Ниро. Истиот настана како културен одговор на нападите од 11. септември. Препознатлив е по современиот независен филм, нови авторски гласови и силна врска со њујоршката филмска индустрија.

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума, е селектиран во категоријата International Narrative Competition, која е главна меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот и го позиционира филмот пред њујоршката публика, меѓународната филмска јавност и индустрискиот круг на селектори. 

Зад приказната за Адела, главната хероина во филмот, стои слика што Дума ја забележала во Скопје: девојче со скејтборд, облечено во традиционални шалвари, момент во кој се судираат детската слобода и наследените правила. Филмот не ја користи приказната за Адела како симбол, туку отвора жив, комплексен свет.

Изграден одблизу, преку работа со заедницата во Шуто Оризари, реални локации и непрофесионални актери, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ избегнува поглед од дистанца и готови стереотипи. Наместо да ги сведува девојчињата на жртви, филмот ги следи како силни, ранливи и комплексни личности кои, и во ограничувачки околности, бараат начин да одлучуваат за себе. 

Ова е втор игран филм на Дина Дума која со својот прв филм, „Сестри” имаше извонреден успех, бидејќи беше избран од страна на најголемата платформа за филмови Нетфликс.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести