Групациите HELLENiQ ENERGY и Chevron потпишаа нов договор за заедничко истражување на јаглеводороди во рамки на постојната концесија за Блокот 10 што се наоѓа во морскиот дел на Кипарискиот Залив, во јужниот дел на Јонското Море во Грција. Согласно договорот, Chevron ќе стекне 70% удел во концесијата и ќе ја преземе улогата на оператор, додека HELLENiQ ENERGY ќе задржи 30% од сопственичкиот удел.
Со потпишувањето на новиот договор, HELLENiQ ENERGY и Chevron дополнително ја зајакнуваат својата стратешка соработка во регионот, заеднички учествувајќи во вкупно пет концесии за истражување на јаглеводороди во морските подрачја на Грција.
Во моментот, истражувањата во Блокот 10, на кој се однесува новиот договор, влегуваат во својата втора фаза. Претходно беа завршени 2Д и 3Д сеизмички испитувања кои овозможуваат подетално разбирање на геолошките структури и проценка на потенцијалните идни активности за дупчење.
По повод потпишувањето на најновиот договор, главниот извршен директор на HELLENiQ ENERGY, Андреас Сиамисис, изјави дека влегувањето на Chevron во Блокот 10 дополнително го зајакнува нашето постојно партнерство и ги усогласува интересите на двете компании во сите блокови во јужниот Јонски регион, создавајќи значително поголема истражувачка област во која заеднички учествуваме.
„Флексибилноста на нашето портфолио, заедно со можноста за работа на поширока концесиска површина, претставуваат клучни фактори за привлекување на водечките меѓународни енергетски компании и за создавање потенцијални синергии. Работата што ја реализиравме во Блокот 10 во изминатите години овозможи посеопфатна проценка на неговиот потенцијал и го поддржа влезот на Chevron во поширокото портфолио.
Прилагодувањето на нашиот сопственички удел ја одразува нашата стратегија за активно управување со истражувачките средства како динамично портфолио, каде што сопственичката структура може да се менува во согласност со променливите околности. Нашата доследна реализација на оваа стратегија, во комбинација со значајната работа што е завршена досега и зајакнатата соработка со надлежните институции, создаде соодветни услови за ваков тип трансакции, носејќи позитивни резултати за нашата компанија, за Грција и за поширокиот регион,“ рече Сиамисис.
HELLENiQ ENERGY е една од водечките интегрирани енергетски компании во Југоисточна Европа, со активности во осум земји и диверзифицирано портфолио кое опфаќа производство, снабдување и трговија со енергија, како и развој на обновливи извори на енергија.
Во земјава, HELLENiQ ENERGY е присутна преку ОКТА, која е дел од Групацијата и претставува еден од нејзините долгогодишни инвестициски и деловни потфати во регионот.















