Античкиот град Ефес во Туркије деновиве е домаќин на исклучителен културен настан. Во оваа позната археолошка дестинација се одржува деветтиот Меѓународен фестивал на опера и балет, на кој од петокот минатата недела па сѐ до 8. јули под отворено небо ќе може да се следи богата програма, што ги вклучува и величествените „Лебедово Езеро“, „Кармина Бурана“ и „Тоска“.
Летото е период во кој блескаат отворените сцени во Туркије. Станува збор за локалитети во кои во минатото се одржувале гладијаторски борби, театарски претстави и антички трагедии, а и денес, како и пред многу векови, продолжуваат да бидат центри на културните случувања. Неколку антички градови во земјата повторно ќе бидат домаќини на фестивали на опера и балет, спојувајќи ги на извонреден начин историјата и уметноста.





Неодамна овие настани го привлекоа вниманието и на социјалните мрежи, откако стана вирално видеото од отворениот театар во Измир, каде што мачка неочекувано се појави на сцената за време на претставата „Ромео и Јулија“, предизвикувајќи воодушевување кај публиката и актерите. Масовно се споделува и видеото со проекцијата на натпреварот меѓу Туркије и Австралија на отворањето на Светското првенство, организирана во античкиот театар Антифелос во Каш, на Турската ривиера, со повеќе од 4.000 гледачи.
После Ефес, од 12 до 16. септември ќе се одржи 33. Издание на Меѓународниот фестивал на опера и балет во Аспендос. Врвните уметнички изведби ќе се организираат во Римскиот театар, еден од најдобрите во Средоземјето и со исклучително добро зачуван аквадуктен систем, познат по својата извонредна акустика. Аспендос е меѓу најпосетуваните антички локалитети, а над три децении е домаќин на овој фестивал.
Во знакот на уметноста летово ќе пулсира и Бодрум во Мугла, покраина сместена каде што се среќаваат Егејското и Средоземното Море. Во градот познат по луксузни комплекси, во Историскиот замок ќе се одржи 23. Издание на традиционалниот балетски фестивал. Се очекува дека оваа манифестација, планирана во тајмингот од 31 јули до 13. август, ќе привлече голем број љубители на уметноста.
Ефес, Аспендос и замокот во Бодрум нудат уште едно културно доживување по зајдисонце. Во рамки на иницијативата „Ноќни музеи“ на Туркије, посетителите можат да ги истражуваат Ефес и Аспендос под специјално осветлување, откривајќи ја убавината на овие локалитети во поинаква, вечерна атмосфера. Отворен за вечерни посети е и Музејот на подводната археологија во Бодрум, сместен во историскиот замок.
Античките градови во Туркије во текот на целата година се домаќини и на бројни други културни настани. Фестивалот во Фаселис носи настапи на светски познати музичари, додека Театарскиот фестивал во Бергама претставува извонредни продукции. Во меѓувреме, археолошките ископувања постојано откриваат нови сознанија. Неодамна, во Аспендос беше откриен мозаик од римскиот период на кој е прикажан младиот Еуримедон, речниот бог што се поврзува со античкиот град. Сето ова е доволна потврда дека летово посетителите ќе имаат можност истовремено да уживаат и во богата културна програма, и во постојано ажурираното историско наследство на античките градови.














