Во локалитетот Велушка Тумба кај Породин (Пелагонија) се пронајдени едни од најголемите неолитски печки досега откриени во Европа, информираа од Музеј Битола.
-Интересен куриозитет за овогодишните истражувања се два специфични контексти од архитектонски и ритуален карактер.
Имено, во рамки на Градба 13 се открија две големи неолитски печки за леб, со аплицирани глинени сандаци за мелење на житото и месење на тестото.
Со оглед на нивните димензии, тие претставуваат едни од најголемите неолитски печки досега откриени во Европа. Поради ваквата ексклузивност, но и поради нивната кршливост, неоподна е нивна конзервација и заштита.
Интересно е тоа што врз едната од овие печки се откри правоаголна структура во чијшто јужен агол било погребано новороденче, положено во превртен сад. Овој обред е мошне редок меѓу неолитските заедници во Европа и има значајна улога во симболичката врска и идентификација меѓу печката, куќата и садот со човечкото тело и животот, велат од таму.



При истражувањата биле пронајдени и остатоци од жртвеници, модели на куќи и фигурини што говори за симболичките претстави на првите земјоделци во Пелагонија, додека камените и коскените алатки укажуваат на дел од стопанските активности на ова неолитско население, посочуваат од таму.
-Покрај стандардните археолошки ископувања се прибираа и примероци за радиокарбон, археоботанички и геоархеолошки анализи, што ќе овозможи прецизно датирање на локалитетот во сите негови фази, а воедно ќе даде и темелен увид во исхраната, домашните активности, климата и природните обележја, карактеристични за оваа населба и нејзината околина, велат од таму.
Во текот на истражувањата се добиле повеќе податоци за архитектурата, материјалната култура, стопанството и обредите на заедницата којашто ја основала оваа неолитска населба.
-Таа функционирала континуирано во текот на неколку стотици години во почетокот на шестиот милениум п.н.е, односно пред 8000 години. На тој начин, врз старите куќи се граделе нови, со што се формирала тумба висока околу 4 метри.
Во овие архитектонски слоеви регистрирани се остатоци од десетина објекти градени еден врз друг, додека во текот на истражувањата се работеше на еден од нив. Притоа, се открија подови и ѕидови од живеалишта, како и глинени структури, керамички садови и мноштво мелници за обработка на житото кое што се одгледувало во нивите крај тумбата, велат од таму.
Археолошките истражувања на локалитетот ги спроведуваа НУ „Завод и музеј“ – Битола и Центрот за истражување на предисторијата, а во нив учествуваа и Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел, преку кои се изведуваат археоботанички и радиокарбон анализи.
Раководител на истражувањата е д-р Гоце Наумов и кораководител виш кустос Јасмина Гулевска, додека археоботаничките анализи се во координација меѓу д-р Феран Антолин и д-р Амалиа Сабанов.
Теренските истражувањата на Велушка Тумба се финансиски подржани од македонското Министерство за култура и туризам, додека лабораториските анализи од Германскиот археолошки институт.
Фото: Музеј Битола














