Осомничениот за убиството на 48-годишна Ж.Г. во скопското село Таор, Општина Зелениково, С.Г. (51), откако ја убил сопругата со давење, ја пријавил во полиција за исчезната, а на неговите пријатели им рекол дека му дошла во сон и му кажала каде да оди да ја бара, за да ја спаси.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сопругот е осомничен за убиството на 48-годишната жена: Детали од Обвинителството
Новите морничави детали денеска ги соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје, кое отвори постапка за него и тој официјално е осомничен за убиство.
Како што е познато тој е уапсен.
-На 25. јуни, во атарот на селото Летевци, при вршење семејно насилство, тој со умисла ја лишил од живот неговата сопруга.
Осомничениот вечерта со автомобил ја зел жената од нејзиното работно место, ја однел во тешко пристапен терен каде физички ја нападнал.
Со дел од неговото тело силно ја притиснал на вратот, а истовремено и ги држел затворени устата и носот за да не може да дише.
Жртвата пружала отпор и се бранела, но не успеала да се оттргне и се задушила и починала на лице место.
Осомничениот го скрил нејзиното тело под гранки помеѓу дрвја, а утредента во полиција пријавил дека неговата сопруга е исчезната, велат од Обвинителството.
На 27. јуни, пак на тројца познаници им кажал дека знае каде се наоѓа убиената, бидејќи му се појавила во сон и му кажала каде да оди за да ја спаси. Сите со возило се упатиле кон локацијата каде го забележале телото на жената и пријавиле во полиција.
Станува збор за лицата З.М. (62), Г.Б. (64) и М.Д. (69), кои исто така беа уапсени.
Поради опасност од бегство, можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и околности кои го оправдуваат стравот дека тој би можел да стори ново кривично дело, Обвинителството бара притвор за него.
-Обвинителството особено го имаше предвид видот и тежината на кривичното дело, како и начинот на неговото извршување кој вклучува претходен период на планирање, но и временски период по настанот во кој осомничениот го прикривал телото на оштетената, истовремено создавајќи привидна слика на загрижен сопруг кој активно учествува во нејзиното барање и обидувајќи се да си создаде алиби за да избегне кривичен прогон.
Од тие причини, јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Убиена 48-годишна жена, телото и било пронајдено во фаза на распаѓање, уапсени се четири лица














