Над 85% од трасата на гасниот интерконектор со Грција е подготвена за поставување цевки

Со развојот на интерконекторите со Грција и Србија, Македонија влегува во нова фаза на регионално енергетско поврзување и создаваат услови за посигурно снабдување со природен гас, поголема конкуренција и пристап до повеќе извори на енергија, вели во интервју за „Фактор“, извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама.

Тој посочува дека над 85 проценти од трасата за интерконекторот со Грција, е веќе исчистена и подготвена за инсталација на цевките. Преку овој проект земјата ќе се поврзе со грчката гасоводна мрежа и ќе добие пристап до алтернативни извори на природен гас, вклучително и до LNG терминалите во Грција.

Паралелно, во тек е и постапката за избор на изведувач за интерконективниот гасовод со Србија, кој треба да биде долг околу 24 километри и да има проектиран капацитет од околу 1,4 милијарди кубни метри годишно.

Рама оценува дека интерконекторите со Грција и Србија ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата, ќе создадат услови за поголема конкуренција меѓу снабдувачите и ќе ја интегрираат Македонија во регионалните и европските енергетски текови.

НОМАГАС работи и на модернизација на постојниот преносен систем, како и на нови делници од националната гасопреносна мрежа, меѓу кои Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, Кичево – Охрид и Охрид – Битола. Дел од проектите се развиваат според концептот „hydrogen-ready“, со што инфраструктурата се подготвува и за идната интеграција на нискојаглеродни гасови, вклучително и водород.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести