Кромберг и Шуберт е најголемиот индустриски работодавач во државата, продолжува успешно да работи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше во посета на фабриката Кромберг и Шуберт, чиј што производствен погон е лоциран во во Индустриската зона Жабени.

На средбата со главниот извршен директор Жељко Матијевиќ и со менаџерскиот тим меѓу кои Георги Тренкоски и Влатко Цековски било разговарано за индустриските приоритети, производствените операции, тековните активности на компанијата, човечкиот капитал, техничкото образование, инфраструктурата и условите неопходни за обезбедување на долгорочната конкурентност на македонскиот индустриски сектор.

„Фабриката во Битола продолжува да работи успешно и овој напредок уште еднаш ја потврдува нејзината важност како составен дел од глобалната производствена мрежа на Кромберг и Шуберт и како значаен фактор за македонската економија, извоз и пазар на труд.

Во текот на разговорите, исто така, беше нагласено дека стабилното работење на фабриката бара континуирани инвестиции во кадарот, знаењето и организацијата, како и блиска соработка со јавните институции. Посебен акцент беше ставен на потребата од развој на висококвалификуван технички кадар кој ќе може да одговори на променливите барања на современата автомобилска индустрија,“ информираат од компанијата.

Кромберг и Шуберт е најголемиот индустриски работодавач во државата. Присуството на компанијата во Битола и Пелагонискиот регион има клучна улога, не само преку отворање на илјадници директни работни места, туку и преку придонесот кон локалната економија, семејните приходи, транспортот, услужниот сектор, образованието, развојот на кадар и деловната заедница.

Компанијата, исто така, игра значајна улога во зајакнувањето на македонските извозни перформанси. Како дел од глобалната автомобилска индустрија, Кромберг и Шуберт произведува висококвалитетни автомобилски компоненти за извоз и е еден од водечките индустриски извозници во земјата.

Кромберг и Шуберт ја смета посетата за важна можност за директен дијалог меѓу Владата и бизнис-заедницата за прашања од заедничко значење за компанијата, производствената индустрија, работната сила, државата и Пелагонискиот регион.

Фото: Кромберг и Шуберт

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести