Кој е Крум Ефремов, новиот македонски амбасадор во Бугарија

Македонија доби нов амбасадор во Бугарија – Крум Ефремов.

На новата функција доаѓа од директорското место во Директоратот за економска и јавна дипломатија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Крум Ефремов нов амбасадор во Бугарија

Станува збор за сектор кој ги покрива економската дипломатија, промоцијата на македонските компании и извозот, јавната и културната дипломатија, како и дел од комуникацијата со дијаспората.

Тој е и поранешен амбасадор во Украина и Ерменија.

Кој е Ефремов

Роден е на 28. август 1970 година.

Според неговата биографија тој од 1999 до 2003 година бил секретар и член на македонската експертска група во процесот на пристапување кон Светската трговска организација (СТО), а завршил и специјализирана обука за трговска политика во Женева организирана од Институтот за обука на СТО.

Во периодот од 2004 до 2008 година бил државен советник за трговија, европска интеграција и меѓународна соработка.

Тој бил главен македонски преговарач за ЦЕФТА 2006, а бил и претседавач со Работната група за трговија на Пактот за стабилност.

Ефремов бил и член на мешовити комитети за спроведување договори за слободна трговија со повеќе земји, а меѓу нив е и Бугарија.

Бил и претседател на Македонскиот совет за заштита на потрошувачите, член на владината комисија за контрола на извозот на стоки и технологии со двојна употреба и учествувал во повеќе меѓународни економски механизми.

Ефремов бил и координатор на експертски тимови кои работеле на подготовка на законите за трговија, заштита на потрошувачите, технолошко-индустриските развојни зони, електронската трговија и контролата на извозот на стоки со двојна употреба.

Од 2009 година бил директор за економска дипломатија во МНР.

Во периодот од 2014 до 2019 година бил специјален советник на министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Во 2010 година бил ангажиран на Универзитетот Американ колеџ Скопје, каде предавал во областа на бизнисот и економијата, а е автор и на научни трудови посветени на економската дипломатија, ЦЕФТА, регионалната трговија и економскиот развој.

Во 2019 година стана вонреден и ополномоштен амбасадор на Македонија во Украина.

На позицијата беше и кога Русија ја нападна Украина, а на функцијата остана до март 2023 година.

Во ноември 2022 година стана и првиот македонски амбасадор во Ерменија.

Од 2012 до 2019 година бил и заменик национален координатор на Македонија во механизмот за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, а во 2023 година стана вршител на должноста национален координатор за механизмот.

Фото: Фејсбук/Ефремов

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести