По повеќе од 20 години, почнаа градежните активности за втората фаза од автопатот Скопје – Блаце во должина од 10,5 километри, која треба да биде готова за четири години и да се спои со веќе изградените 1,5 километар автопат во близина на ГП Блаце.
На автопатот ќе има 5 тунели, 8 моста, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕидови.
Финансирањето е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант-средства за проектантите Hill International и ADT Omega.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски посочи дека денеска се поставува камен-темелник на најсложениот и најтежок автопат, кој на мало растојание од 10,5 километри ќе има многубројни тунели, вијадукти, мостови, галерии на комплексен ридско-планински терен, што ќе биде предизвик и за проектантите и изведувачите.
„Поради сложениот ридско-планински терен, проектот предвидува изградба на: 5 тунели со лева и десна цевка, 8 моста, 11 потпатници, 4 галерии, 9 потпорни ѕида. Рокот за изградба е 4 години,“ рече Трајановски.
На поставувањето на камен-темелникот присуствуваше и премиерот на Косово, Албин Курти.


ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Конзорциум предводен од “Гранит“ ќе го гради автопатот Скопје-Блаце
Фото/Влада














